Талибанците побараа од Турција техничка помош во управувањето со аеродромот во Кабул по заминувањето на странските војници, но останува и процесот на целосно повлекување на турската армија до крајот на рокот – 31 август, изјавија двајца турски официјални лица.

Еден од официјалните лица изјавил дека Анкара ја чека тешка одлука дали да ја прифати оваа работа, пишува „Ројтерс“.

Претежно муслиманската Турција беше дел од мисијата на НАТО во Авганистан и се уште има стотици војници на аеродромот во Кабул, а официјалните лица велат дека армијата е подготвена да се повлече во краток рок.

Владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со месеци тврдеше дека може да го задржи присуството на аеродромот доколку тоа се побара од неа.

– Талибанците испратија барање за техничка поддршка во управувањето со аеродромот во Кабул, а обезбедувањето безбедност на работниците без турските вооружени сили е ризична работа – рече турскиот претставник.

Друг турски официјален претставник објасни дека одржувањето на аеродромот отворен откако странските сили ќе ја предадат контролата е од витално значење не само за да се задржи Авганистан поврзан со светот, туку „и за одржување на размената на набавки и помош“.

Портпаролот на талибанците, Забидула Муџахид вчера изјави дека сакаат добри односи со Турција, турската влада и муслиманскиот народ на турската нација.

– Што се однесува до турските сили стационирани во Авганистан, тие не ни се потребни во нашата земја, а откако ќе заврши евакуацијата, сами ќе го обезбедиме аеродромот – рече Муџахид.

Турција беше одговорна за обезбедување на аеродромот во Кабул во времето на распоредување на НАТО и беше вклучена во напорите за евакуација во последните две недели.

Соединетите држави велат дека се координираат со регионалните партнери и Талибанците за идната операција на аеродромот во Кабул.

– Функционална држава, функционална економија, влада која има слични односи со остатокот од светот, има потреба од функционален комерцијален аеродром – рече во понеделникот Едвард Прајс, портпарол на Стејт департментот.