На судењето на еден од водачите на талибанците беше откриена цела низа интригантни детали за нивните операции. Меѓу другото, дека нивната централа воопшто не е во Авганистан

Судење во Пакистан ја откри другата страна на талибанскиот „фанатизам“

Вообичаена практика е компанијата да им уплаќа полиса за животно осигурување на своите челни луѓе, за тие да се ​​чувствуваат безбедно. Особено во случаи кога нивната работа е изложена на предизвици. А да се биде лидер на авганистанските талибанци, значи да се биде буквално изложен на закани опасни по живот на дневна основа: тој е прогонуван од силите лојални на Владата во Кабул, од САД, па дури и во рамките на талибанците секогаш има некоја струја што со задоволство би го симнала од тронот. Се разбира, со ликвидација.
Затоа, не треба да изненадува што еден од водачите на талибанците, мулата Актар Мансур, склучил договор за животно осигурување. Тука е вклучена и неговата жена, па и децата… Треба да им се обезбеди безбеден живот ако го однесе бомба или заталкан куршум.
Минатата сабота, судот во пакистанскиот град Карачи, каде што се води постапка против еден од водачите на талибанците, мулата Актар Мансур, заради финансирање тероризам, откри дека тој договорил животно осигурување со приватна компанија во Пакистан. „ИГИ џенерал иншуранс“ потврди на суд дека во 2016 година мулата Актар Мансур уплатил сума од 1.500 британски фунти и со тоа отворил полиса за осигурување.

Безбедно прибежиште

Компанијата тврди дека полисата била платена под лажно име и со употреба на лажни лични податоци. Но многу е тешко да се поверува дека никој во осигурителната компанија, чија примарна задача е да ја проверат кредитната способност на своите клиенти, не сфатил дека брадестиот човек што дошол да уплати осигурување е всушност водач на авганистанските талибанци. Или дека лицето што го сторило тоа во негово име работи за талибанците.
Значи, ова откритие во судските постапки само дополнително ја потврдува тезата за Пакистан како безбедно прибежиште за талибанците. И не само за Осама бин Ладен, кој беше убиен во 2011 година, иако властите во Исламабад тврдеа дека не знаеле каде се крие.

Што се случуваше по мулата Омар

По американската инвазија во 2001 година врз Авганистан, која првенствено имаше цел да ја казни Ал каеда, чие раководство беше стационирано во таа земја, лидерот на талибанците, мулата Мухамед Омар, исчезнува. Дури во 2015 година авганистанските власти ќе потврдат дека имаат информации дека тој починал две години порано во болница во Пакистан. Потоа талибанците објавија дека мулата Актар Мансур го презел водството. Но ни тој не останал долго на таа позиција. По наредба на американскиот претседател Барак Обама, на 21 мај 2016 година, бил убиен во напад од американско беспилотно летало „рипер“.
Тоа се случи во пакистанската провинција Балучистан, додека се враќал од Иран, каде што бил во посета на „семејството“. Притоа патувал за Квета, пакистански град каде што било неговото седиште. Толку од негирањето на Иран и Пакистан за поврзаноста со талибанците. А тие се добри и со Ал каеда. Реално, единствената терористичка организација со која ниту Пакистан, ниту Иран немаат добри односи е Исламска држава.
Кога ја презел власта, се чинело дека е можно да се отворат преговори со него затоа што тој бил оперативец што не бил идеолошки тврдоглав, прагматичар. Но Мансур бил свесен дека мора да продолжи со својот борбен став кон Кабул и меѓународните сили, бидејќи условите за преговори сè уште не биле исполнети.
Талибанците, откако ја потврдија смртта на Омар, сметаа дека се ослабени и затоа Мансур нареди голема операција за освојување на градот Кундуз во северен Авганистан. Окупацијата траеше кратко, но потврди дека талибанците сè уште се моќна сила. Тој им нареди на своите следбеници да извршат одлучувачки удари против непријателот. И затоа тој се најде на американската ликвидациска листа. По неговата смрт, повеќе нема период на вакуум во раководството, талибанците многу брзо го избраа мулата Хаибатулах Акунџада за нов водач.

Мансур ги водел талибанците околу една година и успеал да ги консолидира во тој период, воено, но и финансиски. Се вратил во бизнисот со опиум со високи примања и започнал да собира даноци од подизведувачите, авганистански земјоделци што одгледуваат афион во област што е под нивна контрола. Вкупната заработка се проценуваше на околу 300 милиони фунти годишно. Тој исто така ја насочил својата организација кон други криминални активности што ја полнеле касата – киднапирања, наплаќање рекет и преземање удел во рударството. Вкупниот годишен приход на талибанците се проценува на околу една милијарда фунти.

Бизнис во Карачи

Токму ова отстапување од идеолошката крутост ги прави незадоволни дел од старите кадри што се свртеа кон новосоздадениот вилает Корасан основан од Исламската држава. Која за време на своето постоење во Сирија и во Ирак воспостави исклучително успешен модел на финансирање преку даноци и, на пример, препродажба на културни добра на заинтересираните на Западот. Но мулата Мансур не мислеше само за доброто на талибанците. Тој го имаше на ум и своето добро. Уште претходно на суд беше откриено дека за себе во Пакистан тој купил пет имоти, куќи и продавници, чија вредност е проценета на 150.000 фунти. Исто така развил и деловни активности во Карачи, каде што се наоѓаат локалите. Притоа имал соодветни сметки во банка. За овие бизниси ги користел лажните имиња Мухамед Вали и Ѓул Мухамед. Сево ова сега ќе падне во рацете на пакистанските власти. Осигурителната компанија се најде во сериозни проблеми, надевајќи се дека може да се извлече со враќање во судот на чекот со кој Мансур ја купил полисата. Но обвинителите бараат од ИГИ да ѝ го плати на државата износот од полисата со премија. Бидејќи корисникот починал, а никој не побарува осигурување.