Талибанските власти во Авганистан забранија емитување серии во кои глумат жени, а жените новинарки и водителки ќе мора да носат шамија или какво било друго парче облека што ќе им ја покрива главата. Ова се дел од новите строги правила во таа земја.

Меѓу другото, новите правила вклучуваат забрана за филмови чија содржина се смета дека е против исламскиот закон и авганистанските вредности, како и забрана за комедии што ја навредуваат религијата или се навредливи за Авганистанците, пишува Би-би-си.

„Телевизиите треба да избегнуваат прикажување фељтони и романтични серии со жени“, се вели во документот на Министерството до медиумите.

Членот на организацијата што ги застапува новинарите во Авганистан, Хуџатула Муџадеди, рече дека новите правила се неочекувани и дека некои од нив не се практични и доколку тие се спроведат, некои радиодифузери ќе мора да престанат да работат.

Ова е првпат Министерството да се обиде да воведе правила за авганистанската телевизија откога талибанците ја презедоа власта во средината на август.