Раководството на талибанците се согласи да продолжи со вакцинацијата против детска парализа во Авганистан, според планот од врата до врата, соопштија денеска заеднички СЗО и УНИЦЕФ.

Тоа ќе биде прва кампања за вакцинација по повеќе од три години и ќе ги опфати сите деца во Авганистан, вклучувајќи повеќе од 3,3 милиони деца на кои им е забранет пристап во некои делови на земјата.

Во претходните години, тимовите за вакцинација во областите контролирани од талибанците постојано наидуваа на потешкотии и пречки, бидејќи талибанците ги обвинија лекарите дека се шпиони кои собираат податоци за нивните борци.

Талибанските лидери ветија дека ќе им дозволат на жените да работат во кампањата за вакцинација и дадоа гаранции за безбедност на сите здравствени работници низ целата земја.

Во јуни, пет членови на медицински тим што вакцинираше деца против детска парализа беа убиени во источен Авганистан.

Авганистан и Пакистан се меѓу ретките земји каде полиомиелитис е сè уште присутен.