Американските власти собираат информации за оружјето со кое во изминатите 20 години ја снабдуваа авганистанската армија, откако беше забележано дека талибанските борци носат американски пушки, возејќи се во американски возила, што поттикна загриженост во САД.

Новиот американски арсенал на талибанците веројатно не се состои само од ситно оружје, бидејќи екстремистичката група се стекна со огромни количества оружје кое беше под контрола на американските сили. Првичните процени сугерираат дека талибанците поседуваат и неколку хеликоптери „Црн сокол“ и други летала на американската војска, според извор запознат со ситуацијата. Можно е да стигнале и до 20 А-29 Тукано воени авиони, бидејќи има индиции оти мал број на авиони биле преместени од базата во Кандахар, пред таа да потпадне под контрола на талибанците.

– Стравуваме и дека оружјето би можело да падне во рацете на другите кои ја поддржуваат талибанската кауза. Мојот најголем страв е дека софистицираното оружје ќе биде продадено на нашите противници и други недржавни актери кои планираат да го употребат против нас и нашите сојузници – вели извор на „Си-ен-ен“.

Американските власти се скептични дека талибанците ќе можат да ракуваат со дел од најмодерното оружје.

– Колку оружјето е пософистицирано, толку ќе биде поголем предизвикот за талибанците. Ќе им биде тешко успешно да ги користат хеликоптерите и авионите на подолг период, без соодветно снабдување – смета новинарот Бил Рогио од „Лонг вор џурнал“.

Помеѓу 2013 и 2016 година Америка им даде на авганистанските сили повеќе од 600 илјади парчиња лесно оружје, како што се пушките М16 и М4 и речиси 80 илјади возила, како и друга опрема, според извештај од 2017 година. Американското министерство за одбрана ја снабди авганистанската војска со 7.000 митралези, 4.700 оклопни возила и повеќе од 20.000 гранати од 2017 до 2019 година. Во последните две години, пак, САД донираа повеќе од 18 милиони рунди муниција.

Американската опрема спаѓа во проектот за засилување на авганистанските безбедносни сили кој чини 83 милијарди долари. Од 2005 година до денес, САД дистрибуираа најмалку 18 милијарди долари за авганистанската војска, за „опрема и транспорт“, според извештајот на специјалниот инспектор за обнова на Авганистан.

Уништувањето на американската опрема во Авганистан почна со бавно темпо во 2018 година, а потоа беше и забрзано откако војската го намали присуството од 8.500 на 2.500 трупи.

Непознато е количеството на опрема и оружје до кое талибанците успеале да дојдат по падот на авганистанската војска, а САД тешко ќе дојдат до прецизен одговор на тоа пашање бидејќи веќе немаат присуство на трупи и разузнавање низ Авганистан.