Талибанците го погубија братот на поранешниот потпретседател на Авганистан, Амрулах Салех, кој беше еден од водачите на Националниот фронт за отпор во провинцијата Паншир, објави денеска неговиот внук.

Веста за егзекуцијата на братот на Салех, доаѓа неколку дена откако Талибанците ја презедоа контролата врз Паншир, последната провинција која им се спротивстави.

– Тие го убија мојот вујко. Го убија вчера и не дозволуваат да го погребаме. Постојано велат дека неговото тело треба да изгние – напишал Ебадула Салех, пренесува Ројтерс.

Во изјавата на талибанската информативна служба во Урду, се вели дека тој е убиен за време на борбите во Паншир.

Амрула Салех, се прогласи за „привремен претседател“ откако Ашраф Гани ја напушти земјата кога Талибанците го освоија Кабул на 15 август.

Талибанците во понеделникот објавија дека покраината е освоена по неколкудневните интензивни борби и големи загуби од двете страни.

Паншир беше последниот дел од Авганистан каде Талибанците немаа целосна контрола и го вклучува анти-талибанското движење Национален фронт на отпорот (НРФ), кое се мобилизираше под водство на Ахмад Масуд.