Талибанците го презедоа главниот граничен премин меѓу Авганистан и Иран, според официјални авганистански претставници. Преминот Ислам-Кала е еден од најголемите трговски влезови во Иран, преку кој се слеваат околу 20 милиони долари приход за Владата. Тој е трет граничен премин што бунтовниците го презедоа во изминатата недела, откако претходно ги зазедоа граничните премини со Таџикистан и Узбекистан. Ваквиот развој на настаните следуваше откако американскиот претседател Џо Бајден најави дека американската воена мисија во Авганистан ќе заврши на 31 август.
Талибанските напредувања натераа дел од државите да ги затворат нивните конзулати во регионот, додека Таџикистан ги мобилизираше резервистите за да ја зајакнат јужната граница на државата со Авганистан. Од средината на април, кога Бајден најави крај на „вечната војна“ во Авганистан, Талибанците почнаа повторно да освојуваат области. Нивните најзначајни придобивки се на северот, кој е традиционално упориште на воените водачи што се американски сојузници, кои помогнаа во поразот на Талибанците во 2001 година. Во провинцијата Бадахшан, многу окрузи паднаа под нивна контрола без борба. Турските и руските конзулати наводно затворија во Мазари-Шариф, кој е главен град на северната провинција Балх и четвртиот најголем град во Авганистан.