Обвинителството во Саудиска Арабија ќе бара смртна казна за најмалку петмина луѓе во случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги, соопштија тамошните медиуми, во текот на првото судско сослушување на единаесетмина осомничени за злосторството, пренесува „Гардијан“.

Во соопштението на обвинителството се наведува и дека е испратено барање за увид во доказите кои се собрани во саудискиот конзулат во Истанбул каде што новинарот беше убиен на 2 октомври минатата година. 

Саудијците истакнаа дека уште чекаат на одговор од Турција, додека турските власти претходно посочија дека ги споделиле доказите со Саудиска Арабија, како и со други држави.

Но, останките на Кашоги уште не се пронајдени, а турската истрага е во застој, за што тамошните официјални лица ја обвинуваат Саудиска Арабија, наводно, поради недоволната соработка, пишува интернет-порталот „Мидл ист ај“.

Дополнителен проблем претставува отсуството информации за осомничените, чиј идентитет не е познат, како ниту дали се притворени. Таинственоста поттикна шпекулации според кои еден од осомничените би можел да добие имунитет поради поврзаноста со саудиското кралско семејство. 

Токму затоа, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу истакна дека работи на ставање на случајот на Кашоги во агендата на Обединетите нации, во надеж дека истрагата на ОН ќе донесе поголем напредок. 

Повеќе држави, меѓу кои е Канада, наводно, изразиле заинтересираност за вклучување во истрагата, според извори на „Мидл ист ај“.