На вчерашниот амбасадорски состанок Романија предложила да прифати дел од мигрантите заглавени на хуманитарните бродови близу Малта, пренесува денеска Политико Европа повикувајќи се на дипломатски извори.

Покрај Романија, која претседава со ЕУ од 1 јануари, уште осум други земји, сите од западна Европа, исто така, се изјасниле за солидарен гест кон заглавените мигранти на бродовите „Си Воч 3“ и „Си Ај“.

Досега, познато е дека Франција, Холандија и Германија се дел од овие земји, но сите рекоа дека ќе примат мигранти само доколку тоа биде дел од „заеднички солидарен напор“ на другите држави. Италија, и покрај тврдиот став, прифатила, исто така, да се вклучи во списокот, но само доколку бегалците претходно бидат растоварени на малтешко пристаниште.

Според информациите на Политико Европа, освен 49-те мигранти на двата хуманитарни брода, Малта спасила дополнителни 250 лица во текот на викендот и бара тие луѓе да бидат вклучени во прераспоредувањето во ЕУ земјите. Меѓутоа, земјите членки се изјасниле само за 49-те баратели на азил на „Си Воч 3“ и „Си Ај“, а не за другите 250, пишува весникот.

-За Валета, миграцијата е прашање на принцип и Владата сака остатокот од ЕУ да ја сфати Малта сериозно како што ја сфаќаат соседна Италија и нејзиното инсистирање дека примила доволно бегалци за цела генерација, пишува Флориан Едер од Политико Европа.

Земјите членки денеска се сретнуваат на министерско ниво во Брисел во рамки на Советот за општи работи каде се очекува да се стави прашањето на маса иако не е на дневен ред. Но, како што јавува Политико Европа, дури и да се најде решение овој пат, тоа ќе биде „ад хок“, додека проблемот е структурен.