Сирија ја одбележува 10-годишнината од бунтот што прерасна во граѓанска војна, а милиони луѓе се раселени и втурнати длабоко во сиромаштија, додека меѓународната заедница и големите сили и понатаму немаат решение за ставање крај на кризата

Воено жариште на Блискиот Исток што тлее десет години

Судирите во Сирија, кои прераснаа во граѓанска војна, започнаа пред точно десет години. Оттогаш милиони луѓе од оваа земја побараа прибежиште низ државите во светот и во Европа, а сиромаштијата за време на пандемија сега е полоша од кога било. Во месеците и годините што следуваа, разни вооружени групи, меѓу кои и џихадисти и приврзаници на т.н. Исламска држава, заземаа територии од државата. Разни групи се поддржани од разни надворешни играчи, светски и регионални сили, кои имаат свои интереси во државата. Крвавата децениска војна однесе најмалку половина милион животи и расели милиони луѓе, предизвикувајќи тешка мигрантска криза сиве овие години. Со овие зборови светските медиуми деновиве ја опишуваат декадата откако бунтот во Сирија прерасна во војна. За една од најтешките хуманитарни кризи на почетокот на 21 век, каде што и по толку години војување целта поради која започна конфликтот „смената на претседателот Башар ал Асад“ сѐ уште не е постигната, а меѓународната заедница и понатаму сѐ уште нема решение за стопирање на крвопролевањето во државата, но и во регионот.

Сѐ подлабока криза во регионите на Асад

Во меѓувреме на оваа тема „Асошиејтед прес“ пишува дека Асад се подготвува да се кандидира за четврти седумгодишен претседателски мандат. Според АП, постојат сомнежи дали тој може да ги преживее економските влошувања по новите американски санкции минатата година и финансискиот колапс во Либан, кој е главната врска на Сирија со надворешниот свет. Како што наведува агенцијата, ова е дополнителен товар, покрај уништувањето од војната, владината корупција, другите западни санкции што постојат со години и пандемијата на ковид-19. Обединетите нации тврдат дека повеќе од 80 проценти од Сиријците сега живеат во сиромаштија, а високи 60 проценти се во опасност од глад. Некои експерти тврдат дека сега режимот веќе нема извор на приход, затоа печати пари и ја поттикнува инфлацијата. Цените, пак, растат неколкупати на ден.

Зависност од надворешни сили

Паралелно на ова, по повеќегодишно уништување, статистиките за состојбата во Сирија стануваат сè пошокантни. На 90 проценти од сириските деца им е потребна хуманитарна помош за да преживеат, што, според УНИЦЕФ, е зголемување за петтина од пред една година, пишува лондонски „Тајмс“. Половина милион деца физички заостануваат поради неисхранетост. Повеќе од три милиони не одат на училиште, главно момчињата, што е, според лондонскиот весник, застрашувачки показател за идните кризи. Во посебна студија, Црвениот крст откри дека речиси половина од младите Сиријци имаат близок роднина или пријател што е убиен, додека едно од шест деца има родител убиен или сериозно повреден. Според третото истражување, повеќе од 30 проценти од домовите во Сирија биле оштетени или целосно уништени.
Сега, хуманитарни агенции, верски групи, активисти и политичари бараат акција за запирање на немирите во Сирија и страдањата на нејзиниот народ. Но, како што посочува „Тајмс“, како што беше од самиот почеток, тие не можат да се согласат за тоа што понатаму, додека западните влади инсистираат на одржување на санкциите против режимот.

Меѓународната заедница и понатаму молчи

Од друга страна, сојузниците на режимот, како Русија и Иран, тврдат дека е време да се прифати дека претседателот Асад ја доби војната и дека само ослободувањето од санкциите може да ѝ овозможи на земјата да се обнови и да се храни. Тие се поддржани од сè поголем број гласови на Запад и во регионот. Меѓу нив е и министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдулах бин Зајед, кој минатата недела повика на повторно вклучување на Сирија во Арапската лига, критикувајќи го Законот за санкции на САД за Сирија. Во исто време угледниот шведски дипломат Карл Билт за „Проџект синдикејт“ вели дека војната во Сирија е доказ за нефункционалноста на меѓународните организации и нивните апарати.
– Логиката диктира дека сите релевантни страни во регионот сега треба да седнат на преговарачка маса и да се обидат да постигнат некаков договор. Факт е дека во отсуство на ООН нема кој да го направи тоа, па организатор на таа преговарачка маса треба да бидат велесилите. Но повеќе од јасно е дека нивните интереси за земјата и регионот нема да дозволат трајниот мир да биде најголем приоритет за демократијата на земјата – анализира Билт.
Во меѓувреме, она за што сите страни се согласуваат е дека иднината на Сирија зависи од надворешните сили, а САД, Русија, Турција и Иран се воено настроени, додека Израел, повторно бомбардира.


Во наредните неколку недели се очекува бомбардерот „б-52х“ на американската војска да изврши тестирање на новата ракета и да ја лансира со огромна брзина кон целта. Ракетата може да се движи над пет пати побрзо од брзината на звукот пред да истрела со празна боева глава во втората фаза што ќе се „разгради“ некаде во атмосферата. Откако ќе биде развиена, во втората фаза ќе се вгради хиперсонична боева глава и наедно ракетата ќе може да развие брзина до 20 маха (24.696 км/ч.). Поради посебната технологија, ракетата ќе може да прави непредвидливи движења во споредба со традиционалните балистички ракети, додека претежно ќе лета во атмосферата, поради што има одличен капацитет да ги пробие непријателските воздушни и ракетни одбрани и да погоди цели од клучна важност, без притоа да биде забележана на радар.
САД не се единствената држава што развива технологија на хиперсонични оружја. Во октомври, Кина ги претстави лансирните рампи за копнен напад „дф-17“ и противбродските хиперсонични ракети „дф-100“. Од друга страна, Русија ги распоредува хиперсоничните ракети „кинжал“ со нуклеарен капацитет и ракетниот систем „авангарда“, кој користи интерконтинентални балистички ракети „рс-28“.