Одлуката за суспензија, а не исклучување на Фидеш од Европската народна партија, беше дочекана со остри критики и оценета како посрамотување на Европа и европските вредности, наведува Политико

Европската народна партија (ЕПП) ја суспендира партијата Фидеш на унгарскиот премиер Виктор Орбан, потег што треба на гласачите да им покаже дека сериозно ги прифаќа критиките за владеењето на право на Будимпешта. Но со одлуката на ЕПП, најголемиот политички блок во Европарламентот, е оставена отворена можноста Фидеш повторно да стане членка. Со суспензијата, ЕПП ќе остане без една од најуспешните партии само два месеца пред изборите за Европскиот парламент. Сепак, противниците и критичарите ја отфрлија одлуката како политички трик, кој ќе ѝ дозволи на ЕПП да ја задржи под контрола Фидеш, истовремено давајќи впечаток дека зазема строга позиција. Според договорот, кој Орбан го претстави како компромис, Фидеш ќе мора да исполни повеќе услови, а тричлено тело ќе одлучува дали партијата дејствува во согласност со правилата и вредностите на ЕПП, наведува Политико.

– ЕПП е партија на вредности и секоја членка мора да ги почитува принципите што нѐ обединуваат. Денес проговори внатрешната демократија. Не можеме да правиме компромис за демократијата, владеењето на правото, слободата на медиумите, академската слобода или малцинските права – порача Џозеф Дал, претседателот на ЕПП, која е алијанса на околу 80 европски десничарски партии.
Орбан, кој остро настапува против муслиманските имигранти и се самопрогласи за шампион на нелибералната демократија, сѐ почесто влегуваше во отворени спорови со европскиот политички естаблишмент во изминатите години. Критичарите го обвинуваат за задушување на академската и медиумската слобода, за поткопување на владеењето на правото и за користење антисемитска реторика. Унгарскиот премиер жестоко ги негира обвинувањата, но Европарламентот лани поведе дисциплинска постапка, позната како член 7, против Унгарија, соопштувајќи дека Будимпешта ризикува кршење на фундаменталните вредности на Европската Унија. Дал и другите лидери на ЕПП, како Манфред Вебер, партискиот лидер во Европарламентот и кандидат за нареден претседател на Европската комисија, долго време одбиваа на повиците за исклучување на Фидеш од политичкиот блок.

Но, како што оценува Политико, многумина конзервативни политичари сметаа дека унгарската влада ја пречекори црвената линија со лансирањето антиимигрантска кампања со билборди, на кои беа прикажани актуелниот шеф на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер, кој е висок член на ЕПП, и бизнисменот со американско-унгарско потекло Џорџ Сорос. Орбан дополнително го разгоре гневот во ЕПП откако неговите интерни критичари од политичкиот блок ги нарече „корисни идиоти“.
Дал порача дека големото мнозинство што гласаше за суспензија на унгарската партија покажува дека ЕПП не е поделена.

– Јас ја применувам демократијата – истакна претседателот на ЕПП.
За да стане повторно полноправна членка, Фидеш ќе мора да ја прекине кампањата против Јункер, да ја признае штетата што таа ја предизвика и да се воздржи од слични чекори, како и да го реши правниот спор околу статусот на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, кој е финансиран од Сорос.
Унгарскиот премиер порача дека, и покрај суспензијата, Фидеш ќе води кампања за победа на ЕПП на изборите за Европскиот парламент.

– Добрата вест е тоа дека единството во ЕПП е зачувано – истакна Орбан.
Некои членки на ЕПП ја поздравија одлуката како праведен компромис. Гунар Хокмарк, шведскиот европарламентарец што побара протерување на Фидеш, ја опиша како важен чекор, кој со големо мнозинство покажа дека Фидеш не е компатибилна со ЕПП. Други сметаат дека станува збор за прв чекор кон протерување, истакнувајќи дека е малку веројатно Орбан да ги исполни условите за владеење на правото.
Но надвор од ЕПП одлуката за суспензија беше дочекана со критики, наместо исклучување, како и за тоа што на Фидеш ѝ беше дозволено да преговара за дисциплинските мерки против неа. Гај Верхофштад, лидер на либералната група АЛДЕ во Европарламентот, го оцени чекорот како политички трик „што ја посрамотува Европа“.

– Ваквото закрпување покажува дека ЕПП секогаш на прво место ќе ги стави парламентарните бројки пред колективниот европски интерес – порача Верхофштад.
Ска Келер, водечки кандидат на Зелените на европските избори, смета дека станува збор за купување време.
– Оваа суспензија изгледа како обид за купување време пред изборите. Но тоа нема да успее. Одбраната на владеењето на правото и европските демократски вредности не смее да биде компромитирана преку политички трикови – порача Келер.

[email protected]