Шумските пожари што веќе седум дена ја пустошат Евија, вториот по големина остров во Грција, евакуирајќи илјадници луѓе, се директен резултат на климатските промени, беше соопштено од страна на глобалниот конзорциум на експерти за време и климатски промени.

Од избувнувањето на пожарите минатиот вторник, грчката крајбрежна стража евакуираше повеќе од 2.000 луѓе од популарната туристичка дестинација, околу 60 километри североисточно од Атина, изјави портпаролот. Пожарникари од повеќе од 20 европски земји, се во Евија за да помогнат во гаснењето на пожарот што уништи борова шума и неколку згради.

Но, некои веруваат дека помошта можеби е залудна.

„Веќе е предоцна, областа е уништена“, рече Јанис Конциас, градоначалник на северната општина Истија.

Светската метеоролошка организација соопшти дека пожарите, кои го покрија сонцето со чад среде топлотниот бран нешто што не е забележано веќе три децении, се дел од синџирот на екстремни временски услови предизвикани од климатските промени како резултат на човечкото однесување.

Откако Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (ИПЦЦ) објави извештај, генералниот секретар на СМО, професорот Петери Талас, во изјавата предупреди дека климатските промени се предупредување и дека некои се неповратни.

„Суровата реалност на климатските промени се одвива во реално време пред нашите очи“, истакна Талас, кој не се сомнева дека екстремните временски температури и пожарите во Европа и низ целиот свет се поврзани.

„Ова е пример за тоа со што ќе се соочат идните генерации. Некои негативни промени се веќе заклучени во климатскиот систем, но други се уште можат да се решат ако сега силно, брзо и одржливо ги намалиме емисиите на штетни гасови“, додаде тој.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини за грешките во сузбивањето на разорните пожари што ги зафатија деловите на Грција. Мицотакис вети дека грешките ќе бидат утврдени и исправени и повика на единство.

„Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои гледаа како им горат куќите или имотот“, рече тој.