Германски суд денеска го одби барањето на Јавното обвинителството за повторно притворање на поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон, до носењето конечна одлука по барањето за негова екстрадиција во Шпанија.

Каталонскиот лидер беше пуштен од притвор на 6 април по одлука на Судот дека не може да биде испорачан поради бунт, но Обвинителството во Шлезвиг-Холштајн побара негово повторно апасење, нагласувајќи дека добило нови информации од шпанските власти за обвинувањата против него.

Ваквото барањето сепак беше одбиено од страна на Судот.

Канцеларијата на германското Обвинителство денеска соопшти дека веќе ги подготвува документите за екстрадиција на Пуџдемон во Шпанија.

Пуџдемон избега во Брисел на крајот на октомври минатата година, по референдумот за отцепување на Каталонија од Шпанија и одлуката на каталонскиот Парламент за прогласување независност на регионот.

На 25 март, тој беше уапсен во Германија на пат од Финска за Белгија, откако шпанскиот Врховен суд издаде европска потерница по него под обвинение за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на службена должност.

Во моментов, Пуџдемон е во Германија, каде што е ослободен од притвор со кауција од 75.000 евра.