Поранешната разузнавачка аналитичарка, затворена поради одбивањето да сведочи за истрагата за „Викиликс“, е ослободена од затвор откако завчера се обидела да изврши самоубиство, пренесува „Гардијан“.

Федералниот судија Ентони Тренга вчера наредил Менинг да биде ослободена од затворот во американската сојузна држава Вирџинија.

Менинг која доставила стотици илјади документи и дипломатски досиеја на „Викиликс“ во 2010 година, беше задржана во притвор од мај минатата година. Таа требаше денес да се појави на судско рочиште.

Судијата го отфрли барањето на Менинг за укинување на казните изречени поради одбивањето да сведочи и донесе пресуда против Менинг според која таа треба да плати парична казна од 256.000 долари.

Во средата, претставниците за Менинг изјавија дека таа се обидела да се самоубие во центарот за притвор во Александрија.