Федерален суд во Њујорк му одреди кауција од 500.000 долари на Мајкл Коен, поранешниот адвокат на претседателот на САД Доналд Трамп, кој вчера се изјасни како виновен по осум обвиненија.

Коен беше обвинет за даночна и банкарска измама, како и за кршење на правилата за финансирање на изборни кампањи, поврзано со случаите во кои им давал пари на жени со кои Трамп имал љубовни врски да молчат пред јавноста. Обвинителството ова го гонеше како кршење на законите за предизборна кампања бидејќи јавните настапи на овие жени можеа да влијаат врз кампањата на Трамп.

Коен се соочува со казна затвор од четири до пет години, а спогодбата што ја постигнал со обвинителството е во насока на тоа да добие помала казна.

Во својот исказ тој потврди дека Трамп му наложил од свој џеб да им даде пари на порно актерката Сторми Даниелс и „зајачицата“ на „Плејбој“ Керен Мекдугал, за што подоцна добил пари од Трамп. Првата жена добила 130.000 долари за да молчи за врската со Трамп, а втората ја продала својата приказна на списанието „Нешнл Инквајерер“ во пресрет на изборите во 2016 година, но Трамп и Коен влијаеле таа да не биде објавена.