Фото: Бела куќа/Фликр

Федералниот суд вчера му нанесе удар на обидот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ги сочува во тајност даночните пријави, со пресудата според која Министерството за финансии може да ги обелодени на комитетот на Конгресот кој побара увид во документите пред две години, пренесува „Си-ен-ен“.

Со промена на администрацијата, Министерството за правда го смени и ставот за случајот, при што одлуката ја донесе судијата Тревор Мекфаден кој е назначен од Трамп, наведува „Си-ен-ен“. Изнесувајќи го неговото мислење за одлуката, судијата рече дека „Трамп греши според законот“. Поранешниот американски претседател има право да поднесе жалба на одлуката.

Њујоршкиот обвинител Сајрус Венс одделно ги истражува финансиите на Трамп, вклучувајќи ги наводните исплати од страна на претседателот во заминување кон порно-актерката Сторми Даниелс и поранешниот модел на „Плејбој“ Карен Мекдугал во пресрет на претседателските избори во 2016 година. Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, моментно е во домашен притвор поради лажно сведочење пред Конгресот, како и за други криминални прекршоци, вклучувајќи ги оние поврзани со финансирањето на политичките кампањи. Тој тврди дека неговиот поранешен шеф му наложил да ги направи исплатите за Даниелс и Мекдугал, што Трамп го негира.

Врховниот суд во февруари му одобри на обвинителството да ги прибави даночните пријави и другите финансиски податоци на поранешниот американски претседател. Сето тоа е дел од кривичната истрага што се води против него. Венс ги истражува даночните податоци на Трамп, соработувајќи со обвинителството од Њујорк во истрагата за бизнисите на поранешниот американски претседател. Трамп во повеќе наврати ги демантираше сите обвинувања.