Илјадници каталонски сепаратисти излегле на улиците во Барселона и се обиделе да го блокираат барселонскиот аеродром по пресудата на деветмина нивни лидери на казни затвор од девет до 13 години. Тие се осудени поради нивната улога во обидот за одвојување на Каталонија од Шпанија во 2017 година.

Според агенциите, стотина активисти се судриле со полицијата во обидот да влезат во аеродромот. Итните служби соопштија дека 37 лица се повредени, од кои 34 на аеродромот. Полицијата се судрила со демонстрантите кога тие се обиделе да го пробијат полицискиот кордон и да влезат на аеродромот „Ел Прат“ во Барселона.

Портпаролот на каталонската регионална полиција потврди дека силите за безбедност ги оттурнале лицата кои се обиделе да го пробијат полицискиот кордон.

Според управата на аеродромот, 108 летови биле откажани откако демонстрантите го блокирале пристапот до аеродромот. Патниците морале да излегуваат од автомобилите на автопатот и да одат пешки до аеродромот затоа што сите приоди биле блокирани.
Во разни делови од Каталонија активистите ги блокирале патиштата и железничките пруги.

Илјадници демонстранти синоќа се собраа во центарот на Барселона. Шпанската влада на премиерот Педро Санчез во изминатите неколку дена испрати полициски засилувања и порача дека нема да се воздржува од активирање на вондредни мерки доколку ситуацијата ексалира.