Ерменскиот претседател Армен Саркисјан предупредува дека конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан во регионот Нагорно-Карабах може да стане „втора Сирија“ ако меѓународната заедница не преземе нешто.

– Замислете Кавказ да стане втора Сирија? Меѓународната заедница треба да сфати дека ако не се вмеша сега, тогаш Кавказ ќе стане уште еден огромен проблем? – изјави Саркисијан во интервју за Си-ен-би-си.

Саркисјан ја критикуваше активната поддршка на Турција за Азербејџан во конфликтот, истакнувајќи дека Турците имаат проблеми насекаде околу нив: во Средоземното Море, Грција, Либија и во Ирак.

– Тие создаваат проблеми насекаде – рече тој.

Си-ен-би-си објави дека многу Ерменци веруваат оти поддршката на Турција за Азербејџан е делумно мотивирана од долготрајното непријателство околу геноцидот врз Ерменците на Отоманската империја пред еден век – настан што современата турска влада упорно одбива да го признае.

Саркисјан рече дека загриженоста на Турција за потенцијална штета на виталниот гасовод што поминува низ Азербејџан е апсолутна глупост. Тој рече дека ако Ерменија сакала да пука во гасоводот, тоа ќе го сторела пред 20 години, а не сега.

„Блумберг њуз“  посочи дека нафтените пазари се релативно опуштени во врска со безбедноста на азербејџанскиот гасовод во моментот, можеби затоа што глобалната побарувачка за енергија е намалена поради коронавирусот, а алтернативните извори се обилни.

Таа пресметка може да се промени кога гасоводот следниот месец ќе почне со испорака на гас во Италија и Грција – и повторно да се смени ако производството на нафта во Либија се зголеми доволно за да го направи азербејџанскиот гасовод помалку клучен за сите страни, освен за Азербејџан.

– Иако близината на гасоводите до границата ги става под потенцијален ризик, Ерменија не ги нападна линиите при претходните ескалации на конфликтот меѓу двете земји, кој тлее речиси 30 години – забележа „Блумберг“, посочувајќи ја истата поента како Саркисијан.

Гасоводот е во голема мерка под земја и е доволно цврст за без поголеми нарушувања да им одолее на неколку епизоди злоба во конфликтите кои ги вклууваат Грузија, Русија, Турција и противниците на Турција од курдската сепаратистичка група ПКК.

И Азербејџан и Ерменија вчера ги одбија повиците за прекин на огнот, исто како и Турција. Последниот повик за ставање крај на воените дејствија се појави во заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одговори дека прекинот на огнот ќе биде можен само ако ерменските сили се повлечат од азербејџанска територија.

– Со оглед на тоа што САД, Русија и Франција го запоставија овој проблем речиси 30 години, неприфатливо е тие да бидат вклучени во барањето за прекин на огнот – рече Ердоган.

Нагорно-Карабах е област во границите на Азербејџан со мнозинско ерменско население. Ерменија гледа на сепаратистите во покраината како борци за слобода кои три децении се борат против доминацијата на Азербејџан, додека Азербејџан и Турција сметаат дека ерменските сили се напаѓачи кои нелегално ја окупираат азербејџанската територија.

Во говорот во чест на Денот на независноста на Артсак на 2 септември, Саркисијн ја опиша спорната област како неопходна за целосно составување на ерменската нација по отоманскиот геноцид.