Кралскиот судир излезе на виделина. Клучните фигури беа уапсени и се појавија гласини за државен удар, додека интензивната борба на интриги во палатата го урна имиџот на стабилност на Јордан во турбулентиот дел од светот, пишува „Њујорк тајмс“.

Кралството на Јордан некогаш беше сметано за оаза на стабилност на Блискиот Исток. Додека војните и судирите беснееја во Сирија и во Ирак, Јордан со децении беше сметан за безбеден и сојузник од доверба на САД, како и за амортизер на нападите врз Израел и клучен соговорник во дијалогот со Палестинците.

Но изминатиов викенд, ваквиот имиџ на Јордан претрпе удар со излегувањето на виделина на судирот помеѓу кралот Абдула Втори и поранешниот престолонаследник Хамза бин Хусеин. Владата го обвини принцот Хамза дестибилизација на јорданската безбедност, односно изнесе тврдења за негова наводна вклученост во заговор против кралот, кој бил осуетен, при што беа уапсени 14 лица. Принцот Хамза потоа преку видеообраќање соопшти дека е во куќен притвор, негирајќи вмешаност во заговор против кралот Абдула.

Кралот Хусеин владееше со Јордан во текот на четири децении и издејствува мировен договор со Израел, за време на неговиот животен век, неговите синови и четири сопруги честопати се бореа за влијание. Откако кралот Абдула го наследи Хусеин во 1999 година, неговата контрола врз кралството не беше оспорувана јавно. Абдула е син на втората сопруга на кралот Хусеин, принцезата Мина, додека мајката на Хамза е четвртата сопруга на претходниот крал, кралицата Нур, која е родена во САД. Абдула го именува Хамза за крунисан принц во 1999 година, но му ја одзема титулата во 2004 година, пренесувајќи ја на неговиот син, принцот Хусеин. Во изминатите неколку години, се чинеше дека Хамза се обидува да го врати влијанието во Јордан. Хамза го привлече вниманието преку јавните критики упатени кон владата во 2018 година, повикувајќи на борба против корупцијата.

Кризата во кралското семејство ги поттикна САД и другите сојузници на Јордан, кои го сметаат кралот Абдула за доверлив партнер во борбата против тероризмот на Блискиот Исток, да изразат поддршка за него. Тоа е затоа што Јордан се граничи со Сирија, Израел и со Западниот Брег, со што кралството се смета за клучно за регионалната безбедност, односно за напорите за постигнување на мировен договор помеѓу Израел и Палестинците. САД исто така имаат воено присуство во Јордан и блиска соработка со јорданското разузнавање.

Многумина аналитичари сметаат дека судирот помеѓу кралот и поранешниот престолонаследник ја разоткри кревката состојба на општествените структури во Јордан, државата која се соочува со тежок бран на ковид-19 и со економски потешкотии. Во Јордан има и 600 илјади бегалци од Сирија, со што се чувствува влијанието од сириската војна.