Британскиот фотограф Џон Кантли бил киднапиран од Исламска држава (ИД) во Сирија во 2012 година, по што избегал, за повторно да биде заробен неколку месеци подоцна. Тој бил забележан и во пропагандно видео во март 2016 година, што било изненадување за неговите блиски.

Претходните изјави на британските власти сугерираа оти Кантли веројатно е мртов, а министерот за безбедност Бен Волис не дал објаснување зошто тој верува дека Кантли уште е во заробеништво. Не постојат докази оти фотографот уште е жив, според воениот известувач на Би-би-си, Френк Гарднер.

– Не ги дискутираме индивидуалните случаи на киднапирање и шпекулациите не се од помош – се наведува во официјалната изјава на британското Министерство за внатрешни работи (Хоум офис).

Кантли е последниот заробеник од Велика Британија држен од Исламската држава (ИД). Тој бил заробен во јули 2012 година, но избегал со помошта на Слободната сириска армија. Кантли потоа бил киднапиран повторно, кога се вратил во Сирија кон крајот на истата година. Се верува дека тој бил заедно со американскиот новинар Џејмс Фоли, кој подоцна бил убиен. 

Во 2016 година се појавила видео-снимка, на која наводно, се забележува Кантли. На снимката се смета дека била снимена во Мосул во Ирак, Кантли ги исмејува напорите на САД за уништување на ИД. Информациите од јули 2017 година, кога ирачката армија презема контрола врз Мосул, сугерираа оти Кантли бил убиен.

Француските медиуми, во октомври минатата година цитираа борец на ИД кој тврдел дека Кантли е жив и дека работи за терористичката организација, што тој го посведочил пред осум месеци.

Според информациите од Сириските демократски сили, од јануари годинава, се тврди дека Кантли е во Хаџин во источна Сирија, на едно од последните преостанати парчиња територија под контрола на ИД.