Новиот шеф на суданскиот воен совет, генерал Абдел Фатах ал Бурхан изјави по консултациите со претставниците на опозицијата дека ќе биде формирана цивилна влада, а периодот на транзиција ќе трае максимално две години.

Од друга страна, демонстрантите продолжуваат да вршат притисок да се направи брза промена на власта откако во четвртокот беше соборен долгогодишниот претседател Омар ал Башир.

Во меѓувреме, локалните медиуми објавија дека шефот на суданските разузнавачки и безбедносни служби Салах Абдалах Мохамед Салех поднел оставка.

Тој некогаш важеше за највлијателна личност во земјата, по Ал Башир, а демонстрантите го сметаат за одговорен за убиството на учесници на протестите кои барале заминување на воената власт.

За време на средбата меѓу претставниците на преодниот воен совет и коалицијата на организаторите на протестите, демонстрантите барале во советот да влезат и цивили. Воениот совет, исто така, ветил дека „ќе ги поништи сите закони со кои се ограничуваат слободите“, тврдат неименувани активисти.

Бурхан истакна дека ќе го укине полицискиот час кој е воведен пред два дена и прогласи непосредно ослободување на сите уапсени за време на протестите, кои започнаа во декември минатата година.

Суданската полиција соопшти дека најмалку 16 лица загинаа, а 20 се повредени за време на протестите во Картум во претходните два дена.