Демонстрантите го следеа неодамнешниот развој на настаните во Алжир и ги преземаа слоганите за промена на режимот кои одекнуваа за време на арапската пролет 2011 година.

Силни татнежи од огнено оружје се слушнаа пред седиштето на армијата во суданскиот главен град Картум, каде што илјадници демонстранти веќе трета вечер протестираат за оставка на претседателот Омар ал-Башир, информира Би-би-си.

Според сведоци на демонстрациите, забележани се луѓе како бегаат и бараат место да се заштитат откако започнало пукањето. Претходно, беше искористен и солзавец, како еден од последните обиди на безбедносните агенти на владата да ги растурат протестите.

Со ескалацијата на кризата во Судан, во изминатите неколку дена имаше повеќе меѓународни повици до владата да се воздржи од користење на сила врз цивилите, а претседателот Башир повика на преговори за прекинување на кризата.

Министерот за внатрешни работи на земјата вчера изјави дека седум демонстранти се убиени, а 15 повредени, додека 42 припадници на безбедносните сили на државата се повредени. Тој додаде дека околку 2.500 луѓе се уапсени од започнувањето на протестите.

Веќе неколку месеци, земјата во североисточна во Африка се организираат протести. Целиот процес започна во декември, кога владата се обиде да го негира колапсот на економијата, предизвикан од американските санкции и губењето на приходите од нафтата, па беа принудени на мерки за екстремно штедење и се соочија со остра девалвација на домашната валута.

Ограничувањата на субвенциите за лебот и горивото првично испровоцираа демонстрации на истокот од државата поради нискиот животен страндард, но незадоволството брзо се прошири и во главниот град Картум.

Иницијално, демонстрантите беа против зголемените цени, но потоа незадоволството се прошири и протестите ги променија барањата во оставка од владата и претседателот Башир, кој е на власт веќе 30 години.

Демонстрантите го следеа неодамнешниот развој на настаните во Алжир и ги преземаа слоганите за промена на режимот кои одекнуваа за време на арапската пролет 2011 година. Имаше и повици за воспоставување на преодна влада.

Економските проблеми ги принудија Суданците од сите општествени класи да излезат на улиците, но организацијата на протестите беше спроведена од Асоцијацијата на професионални Суданци, организација на лекари, здравствени работници и адвокати.

Интересно е да се напомене дека бројката на жените на протестите е околку 70 отсто, од сите возрасти и општествени позадини. Жените исто така протестираат против шовинистичкото конзервативно општество каде што се практикува шеријатското право.

Претседателот Башир во февруари прогласи национална вонредна состојба и отпушти неколку официјални лица. Според него, протестите имаат некои легитимни побарувања, но сепак тој смета дека треба да биде заменет на избори, кои се предвидени за април 2020 година, кога и најави дека ќе се повлече.

Според пишувањата на Би-би-си, епилогот на протестите најмногу зависи од војската. Постојат некои информации дека дел од војниците ги поддржуваат протестите, но високите воени претставници остануваат лојални на претседателот.

Според најновите информации од протестите, дел од војниците им обезбедиле заштита на некои од демонстрантите кои беа повредени пред нивното седиште, а обидот за соборување на претседателот Башир преку армијата, според познавачите на состојбите, е клучен за завршување на протестите.