Еден студент загина, а 41 лице се повредени откако вооружени мажи го нападнаа универзитетот кој младите го окупираа во рамките на антивладините протести во главниот град на Никарагва, соопшти доцна синоќа организацијата „Амнести интернешнел“.

Студентите имаат клучна улога во протестите против Владата на претседателот Даниел Ортега, кои почнаа на 17 април. Тоа е четврти универзитет кој е окупиран од страна на студенти.

Демонстрациите првично беа насочени против новите ограничувања за старосна и инвалидска пензија и зголемувањето на придонесите за социјално осигурување, но сега веќе демонстрантите бараат и оставка од Ортега.

Локалните медиуми објавија дека нападот во понеделникот го извршиле мажи со мотоцикли, а независниот Канал 15 ги идентификува како „провладини паравоени стрелци“.

Американската комисија за човекови права соопшти дека од почетокот на протестите во април, загинале 79 лица, додека Владата тврди дека бројот на жртвите изнесува 22 лица.

Во меѓувреме, Владата на Никарагва и опозицијата вчера се договорија да ги продолжат разговорите за „демократизација на режимот“ и делумно укинување на патните блокади, соопштија двете страни во коминике.