Најмалку 157 лица ги загубија своите животи во Индонезија и соседен Источен Тимор, а десетици се водат како исчезнати по циклонот „Сероз“, кој ја зафати Југоисточна Азија и остави пустош и бројни бездомни семејства, соопштија денеска индонезиските власти.

Индонезиската агенција за вонредни состојби објави дека биле евидентирани 130 жртви на оддалечените острови недалеку од Источен Тимор, каде што се потврдени уште 27 смртни случаи, пренесува лондонски „Гардијан“.

Во трка со времето, индонезиските спасувачки екипи се обидуваат да пронајдат повеќе од 70 лица кои се водат како исчезнати и со булдожери го расчистуваат теренот во планинските области.

Напорите на спасувачките екипи се попречени од честите прекини на електричната енергија, блокадите на патиштата до оддалечените локации и лошите временски услови.