На самиот крај на турбулентната 2020 година, на 30 декември, беше постигнат сеопфатен договор за инвестиции (ЦАИ) меѓу ЕУ и Кина. Тој договор треба да обезбеди поголем пристап до кинескиот пазар за европските компании. Начелно, постигнатиот договор во наредниов период ќе треба да добие ратификација од Европскиот парламент и одобрение од Советот на ЕУ. Она што е исклучително очигледно е тенденцијата дека овој политички меморандум ја покажува новата самодоверба на Унијата, која во меѓународните, особено во економските односи сака да биде светска суперсила, рамо до рамо со САД и со Кина

На повидок нова страница на довчерашните конкуренти

За ЕУ, Кина не е споредно регионално, далекуисточно, туку клучно глобално прашање. Токму затоа, сѐ повеќе се зборува за исклучителните напори што ЕУ ги направи за да дојде до вонредното дипломатско достигнување што ќе резултира со ратификација на големиот инвестициски договор со Кина (очекуван во 2022 година).

Цели шест години „се крчкаше“ договорот меѓу ЕУ и Кина

Разговорите за овој договор почнаа уште во 2014 г., но неговото потпишување беше отежнато поради многубројните несогласувања на релацијата ЕУ – Кина, првенствено поради обвинувањата на ЕУ дека Кина не се држи до ветувањата за укинување на ограничувањата во однос на европските инвестиции во Кина. Имено, политичкиот и безбедносниот контекст одиграа значајна улога – од продлабочување на кинескиот авторитаризам под водство на претседателот Си Џинпинг, па до кинеските настојувања за проширување на своето политичко влијание на европската територија. Европа изгуби надеж дека Кина ќе ја реформира својата економија или ќе дозволи поголем пристап до своите пазари, додека истовремено, кинеските корпорации (потпомогнати од државни субвенции) остварија голем напредок во Европа, особено во секторите што Старата Дама ги смета за најважни во плановите за својата економска иднина.

Вредносниот систем на Кина веќе не е закана за ЕУ?

Спроведувањето на програмата „Мејд ин Чајна 2025“ (Произведено во Кина 2025), плимата од „чувствителни“ преземања европски компании од страна на кинески бизнисмени, како и извозот на кинеските економски практики во трети земји што се дел од БРИ-иницијативата (позната под името „Патот на свилата“), Унијата ги сфати како закана – не само кога станува збор за нејзината економска иднина туку и за комплетниот вредносен систем. Обемот на кинеските инфраструктурни и корпоративни инвестиции во рамките на ЕУ веќе со години создава голема загриженост не само кај водечките земји-членки туку и кај САД, кои во изминативе две години (покрај опседнатоста со „руската закана“) развија политика на стратегиско натпреварување со Кина. Па, така, во последно време Пекинг почна сѐ почесто да се наоѓа и на „менито“ на трансатлантските институции – НАТО, на пример, се занимава со анализа на сигурносните импликации од кинеските инвестиции во дигиталната и физичката инфраструктура во Европа. Уште во 2016 г., САД предложија формирање заеднички фронт или „подобра координација“ во ограничувањето на пристапот до кинеската технологија, како и соработка во финансирањето инфраструктурни објекти (како одговор на кинеската БРИ-иницијатива), но за ништо од ова не добија согласност од европските лидери. Сѐ до пред некоја година, воведувањето какви било механизми за контрола на кинеските вложувања во ЕУ (наспроти очигледната силна динамика од увоз на кинески челик) наидуваше на неодобрување од европските лидери, што, од своја страна, ги зголеми недоразбирањата на релацијата Вашингтон – ЕУ. Меѓутоа, истата логика што доведе до промени во американската политика, влијаеше и на промената на ставовите на ЕУ. Во март 2019 г., европските лидери расправаа за новиот стратегиски документ на Европската комисија, именуван „ЕУ – Кина: Стратегиски преглед“, кој Кина ја опишува како економски конкурент што настојува да воспостави технолошко лидерство, но и како системски ривал што промовира алтернативни управувачки модели – почнувајќи од набавките, податоците, антимонополските правила, телекомуникациите, па до индустриската стратегија и вештачката интелигенција. Изгледаше дека периодот на асиметрична отвореност кон Кина конечно завршил! Но се случи ненадеен пресврт, а најсилните двигатели на променетиот европски став се од чисто економска природа.

Документ потпишан во шпицот на трговската војна меѓу САД и Кина

ЦАИ е многу контроверзен документ, бидејќи се случува во време на отворена трговска војна меѓу САД (сојузник на ЕУ) и Кина, но и во време на најави од новата американска администрација Бајден-Харис дека ќе ги обнови трансатлантските релации, сериозно нарушени во текот на четиригодишниот претседателски мандат на Доналд Трамп. Џо Бајден испраќаше пораки до ЕУ, во кои ѝ сигнализираше да не брза со потпишувањето на ЦАИ. Истовремено, ЕУ јасно стави до знаење дека сака да соработува со новата администрација на САД, која ја дочека со олеснување, особено по четиригодишниот тежок „соживот“ со Трамп.
Сепак, под влијание на Германија, ЕУ донесе одлука дека нема чекање. Имено, обемот на трговија меѓу ЕУ и Кина се проценува на повеќе од милијарда евра дневно, а освен тоа, Кина веќе стана втор по големина трговски партнер на Унијата, веднаш по Соединетите Американски Држави. Основното прашање во преговорите за постигнување договор беше она за отворањето на кинеските пазари за европските инвеститори, како и решавањето низа спорни елементи во нивната соработка – од субвенциите на кинеската влада за сопствените компании (со што се доведуваат во привилегирана положба, како во примерот со мостот на Пељешац), па до присилувањето на европските компании да ја делат технологијата доколку сакаат влез на кинеските пазари. По потпишувањето на инвестицискиот договор, за инвеститорите од Кина ќе бидат отворени секторите автомобилска индустрија (производство на електрични автомобили), телекомуникации, финансии, но и секторот здравство, односно можноста за изградба на приватни болници (неодамна беше презентирана идејата за „префрлање“ на сплитскиот клинички центар во градот Клис, која би требало да се реализира по пат на јавно-приватно партнерство со кинески инвеститори). Се работи за политичка одлука на Унијата, која реши да го „протурка“ договорот, односно да го подготви за ратификација до крајот на германското ротирачко заседавање со ЕУ, кое истече на 31.12.2020 година, но и до почетокот на мандатот на Џозеф Бајден како нов американски претседател, т.е. до 20 јануари 2021 година.

Дали договорот ќе ги искомплицира односите меѓу трансатлантските сојузници

Одлуката на ЕУ да ги заокружи условите на инвестицискиот договор со Кина со сигурност ќе ја комплицира најавената хармонија во односите меѓу трансатлантските сојузници. Овој договор ги налути челниците на новата администрација на Бајден, а водечките медиумски аналитичари веќе предупредуваат дека Бајден, како и повеќето негови соработници глобалисти, кои се дел од новиот американски надворешнополитички естаблишмент, едноставно занемари битни работи во однос на своите сојузници и Кина. Имено, водечките европски и азиски сојузници на САД веќе одамна имаат воспоставено заемно корисни трговски и инвестициски односи со Кина. Што е уште полошо, во многу случаи сојузниците профитираат на штета на САД, со оглед на тоа дека Германија, Јапонија и Јужна Кореја веќе со години испорачуваат голем дел од капиталната опрема за извозно ориентираниот кинески производствен сектор, кој претходно најмногу се потпираше на продажбата во САД, а не на пазарите на овие држави. Високите царини на американскиот увоз од Кина што ги наметна Трамп, всушност станаа закана за овие профитабилни деловни аранжмани, па сходно на тоа, во текот на изминативе години, американските сојузници останаа „мртви ладни“ во однос на американските напори за балансирање на трговските текови. ЕУ реши да го потпише инвестицискиот договор во последните денови од претседателствувањето на Трамп, па може да изгледа дека се работи за „токсичен“ европски одговор на четиригодишните затегнати односи со САД.

Тоа беше период во кој Соединетите Американски Држави се обидоа да ја ослабат Кина на економски план, што не им успеа, но доколку им успееше, тоа можеше екстремно лошо да влијае врз Европа. Сегашниот европско-кинески пакт всушност испраќа сигнал дека Европа не сака да биде обична марионета во преговорите меѓу Вашингтон и Пекинг. ЕУ одлучи да ги следи сопствената политика и сопствените интереси, без оглед на тоа што многу европски аналитичари сметаат дека Унијата требаше да ги одложи преговорите до следната година, кога Вашингтон и Брисел ќе можеа тесно да соработуваат и да извлечат многу поголеми економски отстапки од страна на Кина, која ги затвори своите пазари за европските компании.
Сепак, Брисел наоѓа оправдување во фактот што ни со него не беа направени консултации во однос на американската политика кон Азија (за време на администрацијата на Трамп), исто како и за време на претходната администрација на Барак Обама, која потпиша договори со неколку значајни азиски држави.
Очигледно е дека САД се соочуваат со недостиг од доверба во сите свои сојузници, а не само во ЕУ. Имено, сите најблиски азиски партнери на САД – Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Сингапур, Тајланд и Филипини – го потпишаа Регионалното сеопфатно економско партнерство (РЦЕП), официјализирано во ноември минатата година, во кое Пекинг ќе биде тој што ќе ги наметне правилата на игра, односно политиката на мултилатерализам и слободна трговија (се разбира, на кинески начин). Освен тоа, Кина планира наскоро да потпише билатерални трговски договори со Јапонија и со Јужна Кореја – двата клучни американски сојузници од регионот.

Договорот ќе биде прв тест на стратегијата на двоецот Бајден-Харис кон Кина

Разговорите на ЕУ за инвестицискиот договор со Пекинг претставуваат прв тест на стратегијата Бајден-Харис кон Кина. Крајот на ерата на Трамп несомнено создаде „златна“ шанса за Кина, која оствари голем дипломатски триумф без никакви дополнителни ризици. Со неколку отстапки, за кои аналитичарите сметаат дека се мошне неодредени и неспроведливи, како и со прифаќањето на стандардните кинески изјави за „подобрување“ на своето однесување (ветувања за крај на кршењето на човековите права, климатски приспособувања, забрана за присилна работа и др.), Европејците не губеа време во намерата да им се „поклонат“ на Кинезите. За време на амбасадорскиот состанок во Унијата, два дена пред договорот, директорката на Европската трговска комисија, Сабине Вејанд, со отворена поддршка од Германија, инсистираше ЕУ да го потпише договорот за инвестиции со Кина, без оглед на отворените приговори и противење од страна на САД. Сепак, не беа сите земји-членки „за“ – Франција ја сподели загриженоста на новата американска администрација, а Полска предупреди на потребата од претпазливост и договор со Вашингтон.
Меѓутоа, Брисел застана зад својата одлука, сметајќи дека овој период на „анархија“, односно транзиција на непомирливите американски администрации, всушност претставува идеален момент за пресврт во односите со Пекинг.
Постигнатиот договор меѓу ЕУ и Кина не е само платформа за влез на европските компании на кинескиот пазар (што е од клучно значење за Германија) туку и добра основа за дискусија во врска со новиот однос меѓу ЕУ и САД. Имено, Унијата го игнорираше барањето на тимот на Бајден да се советува со новата американска администрација (која најави нова ера на хармонично трансатлантско сојузништво), а наедно и да ги усогласи своите политики во однос на Кина со оние на Вашингтон. Европејците инсистираат нивниот договор со Кинезите да биде ставен на исто рамниште со трговскиот договор што беше потпишан пред една година меѓу администрацијата на Трамп и Пекинг. Сепак, според американските аналитичари, договорот не е целосно поволен за ЕУ, бидејќи нема докази дека Кина се обврзала да купува производи и услуги од Унијата, но и поради фактот што механизмот за реализација на инвестицискиот договор не е „без дупки“, како што е оној потпишан од страна на Вашингтон.

Можат ли САД во иднина да го користат договорот ЕУ-Кина за сопствен договор со Кинезите

Факт е дека Европа заостанува во многу аспекти на новата генерација високи технологии, но таа и понатаму останува производствена велесила. Од друга страна, САД (благодарение на доминантните неолиберални политики) изгубија голем број производствени индустрии, а истовремено се вовлечени во спорови со Германија и со Кина околу трговскиот дисбаланс. И понатаму е отворено прашањето дали можат САД во иднина да го користат договорот ЕУ-Кина како отскочна штица за сопствен договор со Кинезите, односно дали може да се очекува нов, ефикасен пакт меѓу Вашингтон и Брисел. Ситуацијата останува мошне неизвесна и нејасна. Она што во моментов изгледа малку веројатно – но не и невозможно – е можноста Кина да ги насочи ЕУ и САД едни против други, па тогаш веќе постојниот трансатлантски сојузнички спор да прерасне во доминантен фактор во глобалната геополитика.

Сево ова е јасен показател дека нарушените односи меѓу САД и ЕУ не можат да се поправат тукутака, особено не во 2021 година. Во коавторскиот есеј објавен минатата година, Ентони Блинкен истакна дека американските сојузништва се застарени во една клучна смисла.
– Соединетите Американски Држави имаат европски и азиски сојузници, но не и институција што ги поврзува Азија и Европа. Со оглед на фактот што кинеската иницијатива „Појас и пат“ ги зближува Азија, Европа и Блискиот Исток на начини што им служат на интересите на Пекинг, демократите исто така имаат потреба од глобална перспектива – смета Блинкен. На почетокот на декември 2020 г., ЕУ конечно стана „стратегиски партнер“ на Здружението на држави од Југоисточна Азија (АСЕАН), чиј однос со САД се влоши уште во 2019 г.,кога администрацијата на Трамп престана да испраќа свои високи претставници на самитите и конференциите во регионот. Според податоците на Унијата, трговијата меѓу ЕУ и АСЕАН пораснала од 125,3 милијарди евра во 2010 на 210,6 милијарди евра во 2019 година.

Анализа на Јадранка Половиќ за „Геополитика њуз“