Колумбијци и Американци осомничени за атентатот врз Жовенел Моиз

Тешко вооружената единица командоси која го убила претседателот на Хаити, Жовенел Моиз (53) била составена од 26 Колумбијци и двајца Американци од Хаити, соопштија тамошните власти, додека уште трае потрагата по организаторите на атентатот, пренесуваат светските медиуми.

Моиз беше застрелан завчера во неговата резиденција. Властите истиот ден ги пронајдоа осомничените атентатори во близина на местото на злосторството во Петонвил, по што изби престрелка во која беа убиени тројца осомичени, а подоцна уследија и неколку апсења.

Седумнаесетмина од уапсените осомничени (15 Колумбијци и двајца Американци) беа претставени пред медиумите на прес-конференција од страна на шефот на полицијата Чарлс Леон, заедно со изложените запленети колумбиски пасоши, пушки, мачети, вики-токи, чекани, ножици за сечење жица и други предмети.

– Странците дојдоа во нашата држава за да го убијат претседателот. Имаше 26 Колумбијци, идентификувани преку нивните пасоши и двајца Американци од Хаити, исто така – кажа Леон.

Единаесетмина од осомничените биле уапсени откако упаднале во амбасадата на Тајван во Портопренс, во близина на претседателската резиденција.

Колумбискиот министер за одбрана Диего Молано изјави дека првичните информации укажуваат оти Колумбијците вклучени во атентатот биле пензионирани воени лица. Тој додаде дека Колумбија ќе соработува во истрагата. Американскиот Стејт Департмент соопшти дека американските власти се во контакт со колегите од Хаити за да се договорат како можат да пружат помош.