Турција изврши напади врз цели на сириската воена армија откако го обвини Дамаск за убиството на осуммина турски војници во сириската провинција Идлиб, која страна жариште на странските ривалства и последно големо боиште во осумгодишната сириска војна, пишува „Вашингтон пост“.

Последниот инцидент во Идлиб помеѓу Турција и Сирија, кои се соседи, но и лути непријатели, придонесе за избивање на најсериозните судири помеѓу двете држави во изминатите неколку години. 

Стравувања за неизбежниот судир се појавија уште завчера по информациите дека турски борбени возила влегле во северозападна Сирија. Турското министерство за одбрана вчера соопшти дека биле убиени четворица турски војници во гранатирањето од страна на сириските владини сили. А до крајот на денот бројот на жртви се зголеми на осум. Потоа Турција возврати со гранатирање и воздушни напади во кои загинаа десетина сириски војници, според турските власти.

Ерупцијата на насилство претставуваше кулминација на долгогодишните тензии во Идлиб. Сирискиот претседател Башар ал Асад наводно, во повеќе наврати се обиде да го врати Идлиб, последната сириска територија под контрола на бунтовниците, користејќи тактики за кои организациите за човекови права тврдат дека преставуваат воени злосторства. Турција проба да ја одбие сириската офанзива за да ги заштити нејзините бунтовнички сојузници во Идлиб и да се обиде да спречи наплив на бегалци кон турската граница. Русија, пак, се обиде да заземе положба меѓу спротивставените страни – преку поддржување на Асад на боиштето, додека учествуваше во преговори со Турција со цел да го смири насилството. 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера кажа дека ситуацијата во Идлиб станала неподнослива.

– Ние ќе ги натераме да ја платат цената – кажа Ердоган, кој уште минатата недела навести дека турската војска би можела да реагира, откако сириските сили го заземаа Маарат ал-Нуман, градот од клучно стратешко значење во Идлиб, што резултираше со повлекување на сириските сили.

Извесно е оти последниот бран на насилство ќе го стави на дополнителен тест компликуваниот однос помеѓу Турција и Русија.