Реакции по ултиматумот за договорот за нуклеарно оружје

САД се заканија со повлекување од договорот за нуклеарни сили со среден дострел доколку Русија не ги почитува своите обврски од спогодбата. Од друга страна, пак, Русија предупреди дека во случај на повлекување на Вашингтон од договорот, Москва ќе ги смета за легитимна цел сите земји каде што се распоредени американски проектили со среден и краток дострел

САД ѝ поставија ултиматум на Русија, давајќи ѝ 60 дена да ги исполни своите обврски од договорот за нуклеарни сили со среден дострел. Во спротивно, како што предупреди шефот на американската дипломатија Мајк Помпео, Вашингтон ќе се повлече од спогодбата од 1987 година. Од друга страна, Русија предупреди дека во случај на повлекување на САД од договорот, Москва ќе ги смета за легитимна цел сите земји каде што се распоредени американски проектили со среден и краток дострел. Москва порача дека станува збор за опасен чекор на американската страна, кој би можел негативно да влијае врз безбедноста на целиот свет. Американскиот ултиматум може да предизвика нова трка за вооружување, која ќе има сериозни последици за Европа, оценуваат светските медиуми.

Зборувајќи пред новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, Помпео ги истакна долгогодишните американски обвинувања до Москва, дека со развојот и распоредувањето нови копнени крстосувачки проектили Русија не го почитува договорот од Студената војна.

– Во светло на овие факти, САД денеска објавуваат дека Русија не ги почитува условите од договорот и ќе ги суспендираме нашите обврски доколку Русија во наредните 60 дена не се врати на вистинско и проверливо почитување. Во согласност со условите од договорот, САД ќе треба шест месеци порано да дадат известување за повлекувањето. Шестмесечниот период ќе почне за шеесет дена од денеска. Во текот на тие 60 дена, ние и натаму нема да тестираме, произведуваме или распоредуваме никакви системи, па ќе видиме што ќе се случи во текот на овој шеесетдневен период – истакна Помпео.

Доколку американските обвинувања се точни, тогаш Русија веќе произведува и распоредува копнено стационирани крстосувачки проектили, и тоа со забранетиот дострел од 500 и 5.500 километри. Според Вашингтон, Москва може набрзина да ги распореди во Европа и по должината на границата со Кина.

По американскиот ултиматум, се огласи и началникот на Генералштабот на руските сили Валериј Герасимов, кој за вчера свика итен состанок со странските воени аташеи.

– Сметаме дека ова е многу опасен чекор, кој може негативно да влијае на европската безбедност, но и на стратегиската стабилност во целина. Ситуацијата во областа на контролата на вооружувањето значително се искомплицира. Раскинувајќи уште еден договор, САД се обидуваат да ја префрлат вината на Русија, која наводно ги крши своите обврски. Реалната слика е следна. Од 2000 година ги повикуваме Американците да ја прекинат практиката на користење ракети што имитираат балистички ракети со среден и краток дострел при тестирањето на системите на противракетна одбрана, што е забрането со договорот – истакна Герасимов.
Покрај тоа, според него, во Романија и во Полска се распоредени универзални лансери „мк-41“, кои може да лансираат крстосувачки проектили со среден дострел, што директно ги крши обврските од спогодбата за ликвидација на ракети.

– Ако биде раскинат договорот, тогаш тоа нема да остане без одговор од наша страна. Вие, како воени експерти, треба да разберете дека територијата на САД нема да биде цел на контранапад од Русија, туку земјите во кои се распоредени американските ракетни системи. Активностите на САД се насочени кон зачувување на својата доминантна улога во светот и исклучување на другите земји од конкуренцијата, оваа активност претставува еден од главните деструктивни фактори што ја отежнуваат меѓународната ситуација – предупреди Герасимов.

Американскиот ултиматум може да разгори нова голема трка во вооружувањето, која ќе има сериозни последици за Европа. Благодарение на договорот од 1987 година, Европа речиси три децении е без нуклеарни проектили. Ако пропадне спогодбата, проектилите може да бидат вратени уште во февруари. „Вашингтон пост“, повикувајќи се на тајни документи, пренесува дека советникот за национална безбедност Џон Болтон му наредил на Пентагон „што поскоро да развие и распореди копнено стационирани проектили“. Сепак, потребна е согласност на сите сојузници од НАТО за распоредување нови проектили во Европа.

Бившиот советски лидер Михаил Горбачов и поранешниот американски државен секретар Џорџ Шулц предупредија на опасните последици од отфрлањето на договорот.

– Напуштањето на спогодбата ќе биде чекор кон нова трка за вооружување, поткопувајќи ја стабилноста и зголемувајќи ја заканата од погрешна процена или технички проблем, кои ќе доведат до неверојатно деструктивна војна – истакнуваат Горбачов и Шулц во заедничкиот коментар за „Вашингтон пост“.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 20 октомври ја соопшти својата намера за напуштање на договорот, но администрацијата не издаде формално известување за повлекувањето.

Истовремено, европските лидери се обидуваат да постигнат компромис помеѓу САД и Русија, кој ќе го спаси договорот од 1987 година. Според некои медиуми, германската канцеларка Ангела Меркел наводно го убедила Трамп на самитот на Г20 во Буенос Аирес да ја одложи до Нова година формалната процедура за повлекување. Периодот од 60 дена, кој го најави Помпео, претставува последна шанса САД и Русија да постигнат договор, кој ќе вклучи и можни заеднички инспекции на вооружените системи на секоја страна, но не постои голема политичка волја во Вашингтон и Москва за да се стори тоа.

– Доналд Трамп и Џон Болтон инсистираат на повлекувањето, а Русите нема да признаат дека нивните проектили го кршат договорот. За ова ќе биде потребно лидерство од Европа – оценува Дерил Кимбал, претседател на Асоцијацијата за контрола на оружјето.