Администрацијата на претседателот Доналд Трамп неодамна изрази загриженост за кинеската заинтересираност за американските истражувања и технологии, во рамките на трката на државите за глобално влијание и надмоќ

Двајца истакнати научници во познатата болница за лекување рак „МД Андерсон“ во Хјустон поднеле оставки, а здравствената установа се обидува да отпушти трет научник поради поврзаноста со истрагата за можни обиди од други земји за стекнување корист од истражувањето финансирано од федералните фондови. Заминувањето на научниците е еден од првите јавно соопштени резултати од десетиците истраги спроведени низ САД, каде што властите сѐ почесто предупредуваат за странска експлоатација на американски поддржаните истражувања, особено од страна на Кина, пишува „Њујорк тајмс“.

Националните институти за здравство изразија загриженост во врска со тројцата научници од центарот за лекување рак „МД Андерсон“, при Универзитетот на Тексас, кој неодамна потврди дека одлучил да ги отпушти. Центарот соопшти дека нема информации за националностите на научниците, чиј идентитет не е соопштен. Но во редактираните извештаи од истрагата, центарот навестува поврзаност со Кина или со кинески жители или институции, во сите три случаи. Во извештаите е наведено дека научниците не ги откриле соработниците од странство и дека барем една доверлива апликација за грант му била пратена на научник во Кина, што е во спротивност со федералната политика. Од извештаите не е познато дали научниците биле под директива на Пекинг.

– Мал но значителен број лица работат под покровителство на Владата за да го извлечат интелектуалниот имот што беше создаден со поддршка на американските даночни обврзници, приватни донатори и соработници од индустријата. Под закана е меѓународно признаениот американски систем за биомедицински истражувања, кој се заснова врз принципите на доверба, интегритет и вредности – порача претседателот на центарот Питер Пистерс.

Од Националните институти за здравство се сомневаат за уште двајца други истражувачи во центарот „МД Андерсон“. Истрагата за едниот од нив е во тек, а доказите не претставувале доволна причина за отказ на другиот истражувач. Истрагите почнале откако директорот на Националните институти за здравство, Франсис С. Колинс, минатиот август испрати писмо до повеќе од 10.000 институции што агенцијата ги финансира, предупредувајќи ги за „закани за интегритетот на американското биомедицинско истражување“. Американските власти соопштија дека откриле оти одредени истражувачи споделиле интелектуален имот со Пекинг и украле доверливи информации од апликации за грантови. Други истражувачи не пријавиле дека примале пари од надворешни извори, додека биле финансирани од Националните институти за здравство. Надлежните служби истакнале дека некои научници водат „лаборатории од сенка“ во Кина, додека во САД спроведуваат истражувања финансирани од државата. Националните институти за здравство посочија дека 55 институции во Америка ги истражуваат таквите загрижувачки можности.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изрази загриженост за кинеската заинтересираност за американските истражувања и технологии, во рамките на трката на државите за глобално влијание и надмоќ. Додека вниманието на јавноста е насочено кон биомедицинските истражувања, слични грижи се појавија и за истражувања финансирани од Националната фондација за наука, Министерството за одбрана и од Министерството за енергетика. Зголеменото внимание за можната експлоатација на биомедицинските истражувања делумно се должи на зголемувањето на кинеските амбиции, особено на полињата на науката и на технологијата.
Р.С.