Карлос Гон

Kарлос Гон стравувал дека „Рено“ ќе му даде отказ во случај на откривање на вистинската вредност на неговата плата во „Нисан“, според сведочењето на укажувачот кој го поттикна падот на некогашниот „крал на автомобилската индустрија“, пишува „Фајненшл тајмс“.

Поранешниот прв човек на правната служба на „Нисан“, Хари Нада, првпат се појави во јавноста по апсењето на Гон во 2018 година, за да сведочи пред судот во Токио. Нада тврди дека стравот од реакцијата на „Рено“ го поттикнала Гон да им нареди на вработените во „Нисан“ да осмислат шема која ќе ја сокрие вистинската вредност на неговите приходи, кои биле највисоки за еден извршен директор во историјата на јапонската компанија.

Звучните обвинувања се искажани во судскиот случај против Грег Кели, кој е поранешен претпоставен на Нада. Кели беше уапсен истовремено како и Гон и сега се бори против обвиненијата дека помогнал за сокривање на компензацијата на поранешниот шеф на „Нисан“.

 – Не сакаше да добие отказ. Ако самиот се плаќал колку што сакал, и тоа беше откриено, француската држава ќе мораше да го отпушти – одговори Нада на прашањето зошто Гон се обидел да прикаже намалена вредност на неговата финансиска компензација.

Хари Нада

Нада сведочење и за плановите на „Нисан“ и „Рено“ да го претворат нивното сојузништво во потполно соединување на компаниите. Многумина сметаат дека можноста за соединување била повод за покренување на внатрешна истрага за работењето на Гон, на почетокот на 2018 година.

Гон кој избега од Јапонија во Либан кон крајот на 2019 година, ги негира обвиненијата за непријавување на компензација во вреност од 88 милиони долари, која требало да ја добие во текот на осумгодишен период. „Нисан“ исто така се соочува со обвиненија за непријавување на компензацијата на Гон. Богатството на Гон минатата година беше проценето на 70 милиони долари.

Од апсењата на Гон и Кели, улогата на 56-годишниот адвокат Нада се најде во средиштето на случајот обвиен со шпекулации и мистерија. Нада кој го советувал Кели како да ја намали прикажаната сума за компензацијата на Гон, е еден од двајцата водечки луѓе на „Нисан“ кои потпишаа спогодба со јапонското обвинителство, во пресрет на апсењето на Гон. Како резултат на спогодбата Нада со месеци беше интервјуиран од јапонските обвинители додека го градеа случајот против Гон и Кели.