Изминатиот викенд светот го одбележи Меѓународниот ден на искоренување на сиромаштијата. Она што е специфично за годинешното одбележување се фактите дека Европа се соочува со зголемен ризик од сиромаштија, а на нашиот регион му се заканува опасност од недостиг од храна и енергенти, додека, пак, Македонија има тешкотии со слаба економија и зголемен број невработени

Речиси нешто помалку од 100 милиони Европејци тонат во сиромаштија, а финансиската моќ и стандардот на луѓето во еврозоната сѐ повеќе бележат пад според повеќе параметри. Ова, меѓу другото, се наведува во последната статистичка опсервација на европскиот завод за статистика „Евростат“, објавена деновиве, во која се посочува дека 96,5 милиони луѓе во Унијата минатата година биле изложени на ризик од сиромаштија. Тоа, според статистичкиот институт, претставува дури 21,9 отсто од населението во ЕУ. Овие загрижувачки информации на европската статистичка институција, меѓу другото, укажуваат дека е можно по завршувањето на пандемијата, во ЕУ сиромаштијата да го достигне дури и највисокото ниво во поновата историја.

Бугарија, Грција, Романија и Шпанија најизложени на сиромаштија во ЕУ

Имено, според анализата, најпогоденото население што во моментов е изложено на ризик од сиромаштија во еврозоната се наоѓа во Бугарија, Грција, Романија и во Шпанија.
Како што наведува опсервацијата на „Евростат“ на оваа тема, во 2020 година во Романија речиси 35,8 отсто од населението биле изложени на ризик од беда. Потоа, веднаш зад нив се наоѓа Бугарија, каде што во земјата околу 33,6 отсто од граѓаните се сиромашни, односно не можат да си ги дозволат основните потреби за живот. Интересно е што во истражувањето на „Евростат“ се наоѓаат дури две балкански земји-членки на ЕУ што се соочени со економски неповолности. Па, така, по Бугарија, и Грција се најде на врвот на листата на сиромашни држави во ЕУ, каде што околу 27,5 отсто од Грците изминатата година биле сиромашни. Зад нив, на четвртото место се наоѓа Шпанија, со речиси 27 отсто сиромашно население.

Чешка, Словачка и Словенија успешно се справуваат со бедата

Дополнително, „Евростат“ наведува дека изминатата година речиси 27,6 милиони луѓе во ЕУ биле исто така во тешка финансиска, но и социјална состојба, а други 27,1 Европејци живееле во домаќинства со низок интензитет на работа.
Од друга страна, пак, европскиот завод за статистика посочува дека економиите на Чешка, Словачка, Словенија, Холандија и Финска изминатата година не дозволиле зголемување на сиромаштијата кај своето население и во услови на корона-кризата. Па, така, најнизок процент на луѓе изложени на сиромаштија е регистриран во Чешка, а тој изнесува 11,5 отсто. Потоа следуваат Словачка со 13,8 отсто, Словенија со 14,3 отсто, Холандија со 15,8 отсто и Финска со само 15,9 отсто сиромашно население.
Во меѓувреме, европскиот комесар за труд, Николас Шмит, предупреди на зголемување и на таканаречената „енергетска сиромаштија“ во Европа оваа зима, што поради наглиот пораст на цените на енергијата може дополнително да го продлабочи економскиот проблем за граѓаните. Тој изјави дека милиони луѓе нема да можат да ги греат своите станови во наредните месеци.
Според Шмит, во Европа веќе има милиони луѓе што не се во состојба да ги загреат домовите доволно, како и „дека може овој број дополнително да се зголеми“, пренесе „Дојче веле“.
– Иако Европската комисија може да им помогне на земјите-членки на ЕУ да го ограничат влијанието на високите цени на енергијата, националните влади, и покрај тоа, треба што побрзо да преземат соодветни мерки. Доколку сето ова се одолжи, „енергетската сиромаштија“ оваа зима ќе придонесе да има негативни економски последици за сите семејства без исклучок во Унијата – истакна Шмит.