Во силниот земјотрес животот го загубија над 150 лица, а голем број се водат за исчезнати. Индонезиските власти стравуваат дека билансот на жртвите ќе биде поголем, пренесуваат светските агенции

Спасувачките служби евакуираа над 10.000 лица, меѓу кои и голем број странски туристи, од островот Ломбок во Индонезија по катастрофалниот земјотрес што го погоди островот. Со чамци биле евакуирани и над илјада туристи од блискиот остров Гили. Во силниот земјотрес животот го загубија над 150 лица, а голем број се водат за исчезнати. Индонезиските власти стравуваат дека билансот на жртвите ќе биде поголем, пренесуваат светските агенции.

Организациите за спасување соопштија дека приоритет им се дава на жителите што се плашат да се вратат во своите домови. Во давењето помош учествуваат и хеликоптери и авиони, кои испорачуваат шатори и медицинска помош.

Националната агенција за ублажување катастрофи (БНПБ) објави дека очекува зголемување на бројот на смртни случаи, бидејќи информациите пристигнуваат од областите каде што илјадници градежни објекти се урнати или претрпеле сериозни оштетувања. На островот Ломбок нема струја, а комуникациите се во прекин.
Индонезискиот Црвен крст на Твитер соопшти дека ѝ помогнале на една жена да се породи по земјотресот во здравствена установа на северот на Ломбок, а мајката на детето му го дала името Гемпа, што значи земјотрес. Меѓу загинатите нема странски државјани, а повредени се 209 лица. Земјотресот беше толку силен што се почувствувал и на соседниот остров Бали, каде што загинаа две лица.

– Околу 200 туристи веќе ги напуштија трите острови, а за 700 други претстои евакуација – потврди портпаролот на националната агенција за справување со природни непогоди Сутопо Пурво Нугухо.
Хотелите на Гили настрадале од силниот земјотрес, проследен со аларм за цунами, што предизвика паника. Многу туристи побарале да отпатуваат за Ломбок, за да стигнат до аеродромот во главниот град Матарам. Повеќето од жртвите на земјотресот биле во планинска област во северниот дел на Ломбок, далеку од главните туристички места во јужниот и во западниот дел на островот.

Владина делегација на Сингапур, предводена од министерот за внатрешни работи и правда К. Шамангам, се најде во епицентарот на силниот земјотрес во Ломбок. Сингапурската делегација пристигнала во градот Матарам на конференција за безбедност. Министерот бил сместен на 10-от кат во хотелот. Го почувствувал големиот земјотрес и видел дека ѕидовите на неговата соба почнале да се уриваат, пренесува Би-би-си.

– Го зедов само неопходното, вклучувајќи го компјутерот со мојата службена кореспонденција. Бевме надвор, а потоа бевме сместени во мал трикатен хотел – напиша министерот.
Епицентарот на потресот бил на длабочина од петнаесет километри во близината на северниот брег на Ломбок, каде што пред една недела беше регистриран земјотрес од 6,4 степени по Рихтер и во кој загинаа 16 лица.