Стотина мигранти успеаја да навлезат во пристаништето во Кале (Па-де-Кале), а педесетина од нив успеаја да се искачат на  ферибот кој пристигнал од Англија, притоа најмалку 46 лица беа уапсени, јавува дописникот на МИА.

Изутринава во 10:30 часот пожарникарите од групата за препознавање и интервенција во опасна средина се уште беа на пристаништето за да се обидат да ги симнат „десетината мигранти” групирани  на мостот  на височина од десетици метра на надворешниот дел од оџакот на ферибот.

Мигрантите, надевајќи се дека ќе пристигнат во Обединетото Кралство, влегле во пристаништето во саботата помеѓу 21:15 и 21:30 часот. Педесетина од нив успеале да се качат на „Кале Сејвас“ ферибот на компанија ДФДС  кој доаѓаше од Довер и кој само што се закотви, со помош на скалилата за одржување и поради висока плима. Двајца имигранти кои паднале во водата за време на нивниот обид, биле спасени од пожарникарите.

Безбедносните сили кои интервенираа на фериботот го извадија сите автомобили и камиони и потоа го пребараа ферибот, приведувајќи  46 лица кои потоа беа притворени во полициската станица на Кале.

Десетина мигранти кои најдоа засолниште на врвот на оџакот одбиваат слезат. При првиот обид пожарникарите успеаја да им се доближат, но не и да ги убедат.  Вториот обид е во тек, а временските услови дождот и ветерот  ја направија операцијата посложена

Сообраќајот на бродовите, привремено прекинат минатата ноќ, се врати во нормала во текот на денешниот ден. Ферибот на кој навлегоа мигрантите беше преместен во текот на ноќта за да не го попречува движењето на другите бродови.