Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека поддршката за паралелна европска одбранбена организација претставува ризик од поделба и слабеење на Атлантската алијанса.

За време на престојот во Вашингтон на разговори во Белата куќа и Пентагон, Столтенберг ја спомена поддршката на Франција за независна европска одбрана автономна од НАТО, особено по шокантниот Договор меѓу Австралија, Велика Британија и САД.

– Разбирам дека Франција е разочарана. Она во што не верувам е секој напор да се создаде нешто надвор од рамките на НАТО, да се конкурира или да биде дупликат на Алијансата, бидејќи НАТО останува камен -темелник на европската и северноамериканската безбедност – нагласи Столтенберг.

Австралија ја откажа договорената испорака на електрични и дизел подморници од Франција и се согласи за производство на нуклеарни подморници со американска и британска технологија, што предизвика Париз и другите европски земји да сметаат дека Алијансата веќе не е меѓу приоритетите на Вашингтон, пренесуваат агенциите.