Над два милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови минатата година, зголемувајќи ја бројката на раселени лица на рекордни 70,8 милиони луѓе на глобално ниво, информираше агенцијата за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР, а пренесе „Дојче веле“.

Во овие 70,8 милиони луѓе се вбројуваат бегалците, барателите на азил и внатрешно раселените лица на крајот од 2018 година. Објавувајќи го извештајот за глобалните трендови, првиот човек на УНХЦР Филипо Гранди рече дека овој тренд се развива во „погрешна насока“.

– Како веќе да немаме можност да создадеме услови за мир. Вистина е дека има нови конфликти и нови ситуации кои произведуваат бегалци, но старите конфликти никогаш не се решаваат. Дали се сеќавате на последниот конфликт кој е решен? – рече Гранди.

Опасноста во Венецуела

Насилствата во Етиопија принудија раселување на околу 1,56 милиони луѓе од нивните домови минатата година, иако поголемиот дел од раселените останаа во границите на земјата, пишуваат од „Дојче веле“. 

Повеќе од една петтина од глобалната бројка на барателите на азил дојдоа од Венецуела, каде луѓето бегаат од длабоката политичка и економска криза. УНХЦР забележа 340 илјади баратели на азил од јужноамериканската земја, но рече дека вистинската бројка веројатно е многу повисока поради тоа што за кризата во Венецуела слабо се известува. ОН веруваат дека околу четири милиони луѓе ја напуштиле земјата од почетокот на 2016 година.

Порака за Трамп

Гранди упати пофални зборови до САД, велејќи дека се најголемиот поддржувач на бегалците и најголемиот донатор на УНХЦР. Во исто време, тој го осуди фактот што раселените лица се соочуваат со непријателство.

– Во Америка, исто како и во Европа но и во други делови на светот, сведоци сме на грешна идентификација на бегалците и мигрантите како луѓе кои доаѓаат да ги украдат работните места и да бидат закана за безбедноста и вредностите. Апелирам до администрацијата на САД и до претседателот на Америка дека вакви коментари се многу штетни – рече Гранди.

Тој исто така ги критикуваше одлуките на САД кои го предизвикаа проблем со азиланти во светот, каде околку 719 илјади барања за азил во моментов чекаат одговор и решение за нивниот статус од САД.

Од друга страна, Германија и канцеларката Ангела Меркел добија пофалби за тоа како земјата се справува со бегалците и мигрантите.

Нова година, нов рекорд

Бројката на принудно раселени лица во последните седум години константно расте, со што е зголемена за 65 отсто во споредба со пред десет години.

– Уште една година, уште еден страшен рекорд. Зад овие бројки, луѓе како јас и вие се приморани на опасни патувања кои никогаш не би сакале да ги прават, поради закани за нивната безбедност и основните човекови права – рече Џон Карезо од британската хуманитарна организација „Оксфам“.

Извештајот исто така нотира дека земјите во развој примаат најголема бројка на бегалци, завршуваат од „Дојче веле“.