Од денеска стапуваат на сила американските санкции против Иран, откако администрацијата на Доналд Трамп одлучи да се повлече од договорот за денуклеаризација на Иран, склучен во 2015.

Санкциите се однесуваат на финансиските трансакции, увозот на суровини, како и на автомобилскиот сектор и комерцијалната авијација, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од ноември треба повторно се воведат и санцкиите врз увозот на иранска нафта.

САД се повлече од договорот за денуклеаризација на Иран во мај, и им остави на другите партнери транзициски период пред да ги воведе повторно санкциите.

САД, Иран, ЕУ и неколку држави на ЕУ во 2015 потпишаа договор за денуклеаризација на иранската држава, кој го ограничува производството на збогатен ураниум во Иран, клучна состојка за создавање нуклеарно оружје. За возврат, западниот блок одлучи да укине низа санкции кон Иран, што и овозможи на државата да си поврати милионски суми замрзнати во западни банки.

Но, администрацијата на Трамп како и критичарите на договор сметаат дека оваа спогодба е премногу слаба: прво, затоа што има рок на траење од само десет години, а потоа, затоа што не се однесува на балистичките мисили. Критичарите оценуваат дека овој договор нема всушност да го спречи Иран да продолжи да го развива воениот нуклеарен арсенал, како и дека со повратените средства, Техеран може да продолжи да финансира терористички групи, како Хезболах. Трамп повеќе пати порача дека е подготвен да преговара за нов договор со Иранците.

За Европската Унија, повторното воведување на овие санкциите претставува проблем од повеќе причини. Едната е вложениот политички и дипломатски друг во преговорите, како и оценката на ЕУ дека преку овој договор се зајакнува безбедноста на Блискиот Исток и на Западот. Втората се европските компании на кои, откако стапи овој договор на сила во 2015, им е повторно дозволено да тргуваат и инвестираат во Иран.

Екстратериторијалната природа на американските санкции кои стапувата на сила денеска ќе ги погоди европските компании, меѓу кои има и звучни имиња како ПСА, Тотал или Ербас.

ЕУ ги увери компаниите дека ќе стори сѐ што може да ги заштити од последиците од американските санкции, и за таа цел во мај е активиран европски механизам за блокада. Овој европски закон постои од времето на ембаргото на САД врз Куба и им овозможува на државите и компаниите од ЕУ да бидат изземени од странски санкции.

Прашање е дали оваа мерка ќе биде доволна за да ги увери големите европски компании да продолжат да тргуваат со Иран, или дали американскиот притисок и важноста на односите со САД за овие компании ќе преовладее.