Санкциите ги опфаќаат финансиските трансакции и увозот на суровини, како и автомобилскиот сектор и комерцијалната авијација. Вашингтон најави дека од ноември повторно ќе се воведат и санкциите врз увозот на иранска нафта

Aмериканските санкции против Иран вчера стапија во сила, откако администрацијата на Доналд Трамп одлучи да се повлече од договорот за денуклеаризација на Иран, склучен во 2015 година. Санкциите ги опфаќаат финансиските трансакции и увозот на суровини, како и автомобилскиот сектор и комерцијалната авијација. Вашингтон најави дека од ноември повторно ќе се воведат и санкциите врз увозот на иранска нафта.

САД се повлекоа од договорот за денуклеаризација на Иран во мај и им оставија на другите партнери транзициски период пред да ги воведат повторно санкциите.
САД, Иран, ЕУ и неколку европски држави во 2015-та потпишаа договор за денуклеаризација на иранската држава, кој го ограничува производството на збогатен ураниум во Иран, клучна состојка за создавање нуклеарно оружје. За возврат, западните сили одлучија да укинат низа санкции кон Иран, што ѝ овозможи на блискоисточната држава да поврати повеќе милијарди долари, замрзнати во западни банки.

Администрацијата на Трамп, како и критичарите на договорот, инсистираат дека оваа спогодба е премногу лоша, затоа што има рок на траење од само десет години, а и затоа што не се однесува на балистичките проектили. Според противниците на спогодбата, договорот всушност нема да го спречи Иран да продолжи да го развива воениот нуклеарен арсенал, како и тоа дека со повратените средства, Техеран може да продолжи да финансира терористички групи, како Хезболах. Трамп повеќепати порача дека е подготвен да преговара за нов договор со Иранците.

За Европската Унија повторното воведување на овие санкции претставува проблем од повеќе причини. Едната е вложениот политички и дипломатски влог во преговорите, како и оцената на ЕУ дека преку овој договор се зајакнува безбедноста на Блискиот Исток и на Западот. Втората се европските компании на кои, откако стапи овој договор во сила во 2015-та, повторно им е дозволено да тргуваат и да инвестираат во Иран. Екстратериторијалната природа на американските санкции што стапуваат во сила денеска ќе ги погоди европските компании, меѓу кои има и звучни имиња како ПСА, „Тотал“ или „Ербас“.

ЕУ ги увери компаниите дека ќе стори сѐ што може да ги заштити од последиците од американските санкции и за таа цел во мај е активиран европски механизам за блокада. Овој европски закон постои од времето на ембаргото на САД врз Куба и им овозможува на државите и компаниите од ЕУ да бидат изземени од странски санкции.

Експертите и познавачите на состојбите се сомневаат дали оваа мерка ќе биде доволна за да ги увери големите европски компании да продолжат да тргуваат со Техеран, или дали американскиот притисок и важноста на односите со САД за овие компании ќе преовладеат. Но засега повеќето од нив одлучија да се повлечат од Иран.