Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе ја прими престижната награда Карло Велики за придонес кон европското единство. Ја превзема ли овој еврофил улогата на неофицијален лидер на Европа од рацете на германската канцеларка Ангела Меркел?

Има ли Европа нов лидер? Или, дури, можеби и спасител?

Денеска, една година и три дена откако на изборите ја победи лидерката на евроскептичната крајна десница Марин Ле Пен, францускиот претседател во германскиот град Ахен ќе ја прими наградата Карло Велики за „исклучителен придонес кон европското единство“.

Неговата сојузничка Ангела Меркел, која истата награда ја прими во 2008 година, ќе зборува на свеченоста.

Тоа ќе биде можност Германија конкретно да одговори на визијата на Макрон за поврзување на Европа.

Макрон во септември минатата година, говорејќи пред студентите на Сорбона, го изложи својот план „Европа која заштитува“.

Планот вклучува усогласување на даноците и на минималната плата, реформа на еврозоната, потесна воена соработка и заеднички мерки за заштита на околината.

Во Германија неговата визија ја дочекаа со внимателност, а во помалите европски земји со едвај прикриен протест.

Макрон и Меркел сега работат на единствен предлог што ќе го претстават на самитот на ЕУ кон крајот на јуни.

Комитетот за доделување на наградата Карло Велики, наречена по основачот на Светото Римско Царство, крунисан во Ахен во 800 година, нема резерви кон Макрон.

– Иако е на должност релативно кратко, Емануел Макрон повторно ја инспирираше Европа и донесе нов ветер и динамика во расправата за поцврста интеграција на нашиот континент – се вели во образложението на наградата.

Но, може ли Макрон навистина да ја поведе ЕУ кон поголемо единство и да го поттикне сė поскептичниот електорат да се согласи на тоа, или е преамбициозен?

Неодамнешните посети на Макрон и на Меркел на Вашингтон можеби сугерираат дека Французот ја презел улогата на Господин Европа, по годините доминација на германската канцеларка на континенталната политичка сцена.

Посетата на Макрон беше државна, од висок профил и се забележа дека Трамп го доживува како близок пријател, иако францускиот претседател во говорот пред Конгресот не се стеснуваше да го изнесе она за што не се согласува со американскиот колега.

Меркел во Вашингтон беше неколку дена подоцна, но во работна и многу помалку забележителна посета.

Можно е тоа да им одговара на обајцата, смета аналитичарката Сузи Денисон од Европскиот совет за надворешни работи.

– Улогата на светски државник е поважна во француската внатрешна политика, отколку во германската – вели Денисон.

– А бидејќи во Германија на власт е нова коалиција, мислам дека на Ангела Меркел и е поважно да се перцепира дека поголем дел од вниманието и е насочено дома – додава аналитичарката.

Но, тоа не значи дека телефонскиот број на Макрон ќе биде оној што странските државници секогаш ќе го повикуваат кога ќе посакаат да разговараат со Европа.

Кина, на пример, која повеќе се залага за економски односи со Европа, и натаму Берлин и Брисел ќе ги смета клучни за тоа, вели Денисон.

Сепак аналитичарите повикуваат на внимателност.

– Прераните признанија треба да се прифатат со голема мерка на скромност…Наградата Карло Велики најчесто е награда за целата кариера, а Макрон, кога ЕУ е во прашање, всушност сė уште не постигнал ништо – велат аналитичарите.