Иран никогаш нема да подлегне на притисокот на САД, а ако Вашингтон сака да преговара со Техеран треба да покаже почит, изјави денеска шефот на иранската дипломатија, Мохамед Џавад Зариф, пренесува „Ројтерс“.

– Иран никогаш нема да попушти пред притисокот на САД. Америка би требало да се обиде да го почитува Иран. Ако сака да разговара со Иран, би требало да покаже почитување – изјави Зариф во телевизиско обраќање.

Напнатоста помеѓу Тегеран и Вашингтон нагло порасна во изминатите недели, една година откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран, што беше потпишан во 2015 година.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно повика на преговори со иранските лидери без предуслови, што Техеран одби да се случи, наведувајќи дека САД би требало да се вратат на договорот доколку сакаат да преговараат со Иран.