Жената која беше избркана од работа бидејќи покажала среден прст кон поворката на претседателот Доналд Трамп додека возела велосипед, победи на локалните избори во Вирџинија според првичните резултати, пишува „Њузвик“.

Во октомври 2017 година, фотограф го уловил моментот кога Џули Брискмен го направила непристојниот гест кон автомобилската поворка која била упатена кон Белата куќа. Таа ја објавила сликата на Твитер и на нејзината страница на Фејсбук, по што фотографијата масовно се рашири во јавноста.

По објавувањето на фотографијата, Брискмен била принудена да ја напушти нејзината работна позиција како извршна директорка на маркетинг во градежната компанија „Акима“, која што имала склучено договори со владата, откако ѝ било укажано дека ја загрозила политиката на компанијата за пристојност на социјалните медиуми.

Брискмен (52) доби отпремнина откако го тужеше поранешниот работодавец и инцидентот ја поттикна да се кандидира на локалните избори. Таа ја искористи фотографијата како појдовна точка на нејзината кампања во округот Лудон, Вирџинија.

– Можеби ме познавате како жената која беше отпуштена поради покажување на среден прст кон претседателската поворка. И додека тоа може да биде најраспространетиот јавен приказ на мојот политички став и активизам, јас сум во голема мера вклучена во заедницата на округот Лудон речиси 20 години – истакна таа во најавата на нејзината кампања.

Во 2017 година за Си-ен-ен Брискмен изјави дека чувствува лутина кон Трамп поради неговите политики за здравството, контролата на оружјето и неговото одбивање да ги критикува движењата за бела надмоќ во Шарлотсвил.

– Мојот прст го искажа она што го чувствував. Лута сум и фрустрирана – се изјаснила таа.

По вчерашното гласање се предвидува дека таа ќе победи во трката и ќе стане член на одборот што го надгледува функционирањето на округот, објавува Си-ен-ен.

Таа се кандидираше како демократ и ја победи републиканката Сузан Волпе.

Нејзината победа се совпадна со успехот на демократите во просториите во Вирџинија, каде што тие стекнаа контрола врз Домот и Сенатот, откако ги соборија тесните мнозинства што ги држеа републиканците. Демократите сега за првпат ги држат сите три ограноци на власта во Вирџинија.