Американскиот потпретседател Мајк Пенс утре ќе се сретне со самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо, соопштија извори од Белата куќа.

Според истите извори, средбата, што ќе се одржи во колумбискиот главен град Богота, има за цел да ја манифестира поддршката на САД за Гуаидо, по викендот исполнет со насилство и судири меѓу опозициските приврзаници и силите лојални на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, при што загинаа четири лица, а над 300 беа повредени.

Мадуро беше реизбран за претседател на Венецуела минатата година, на избори бојкотирани од опозицијата и исполнети со серија нерегуларности, поради што не беа признати како легитимни од голем број западни земји. По истекот на претходниот мандат на Мадуро, претседателот на Националното собрание, Гуаидо, кој, како и целата опозиција, не ги признава резултатите од ланските претседателски избори, се прогласи за привремен шеф на државата. Тој се повика на одредбата на Уставот дека по истекот на мандатот на претседателот, до изброт на негов наследник, вршител на должноста шеф на државата станува првиот човек на Националното собрание.

Пенс во Богота ќе се сретне и со лидерите на државите од Јужна Америка, кои го признаваат Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела.

Изворите од Белата куќа најавија дека Пенс најверојато во Богота ќе најави нови санкции кон Венецуела, со цел да се засили притисокот врз Мадуро да се повлече од власта.