Посетата на Турција од страна на рускиот претседател би била поради учеството на свеченоста на пуштањето во погон на рускиот гасовод „Турски тек“

Турските медиуми последниве денови сѐ позачестено пишуваат за претстојната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Турција, на почетокот од наредната година. Посетата на Турција од страна на рускиот претседател би била поради учеството на свеченоста на пуштањето во погон на рускиот гасовод „Турски тек“, од кој една од двете цевки, со капацитет од 15,73 милијарди кубни метри годишно, е наменета за потребите на турскиот пазар. На овие пишувања на турските медиуми се осврнал и портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, соопштувајќи им на руските новинари дека таа посета на Путин на Турција навистина се подготвува.
– Во еден од последните телефонски разговори, Путин и Ердоган навистина се договараа за почетокот на јануари, до кога ќе биде изграден и копнениот дел на „Турскиот тек“, дека навистина е можно да дојде до посета на претседателот Путин на Турција. Тој пат се подготвува – изјави Дмитриј Песков.

„Турски тек“ е енергетски проект што произлезе како непосредна последица од откажувањето на веќе започнатата изградба на гасоводот „Јужен тек“ од страна на Бугарија, т.е. земјата на чие копно требаше да излезе црноморскиот подморски гасовод и понатаму да продолжи кон одредени земји од Југоисточна Европа, како и кон Унгарија и Австрија. Освен „Турскиот тек“, непосредна и речиси паралелна последица на откажувањето на „Јужниот тек“, како и сложената безбедносна состојба во Украина, беше и одлуката за изградба на двоцевниот гасовод „Северен тек 2“.

Гасоводот „Северен тек 2“, долг околу 1.200 километри, речиси е во завршна фаза, а го гради руски „Газпром“ во соработка со европски енергетски конзорциуми од Германија, Франција, Австрија, Велика Британија и од Холандија. Досега е изградено повеќе од 80 отсто од неговата вкупна траса, а останува да изгради само делницата низ данските води на Балтичко Море, во должина од околу 150 километри.

Втората цевка на изградениот гасовод „Турски тек“ е наменета за потребите на европскиот пазар и ќе зависи од желбите на ЕУ да го користат тој гас. Засега имаат намера да го користат Бугарија, Србија и Унгарија (а за тоа размислува и Словачка), кои за таа цел веќе активно ги прошируваат своите постојни гасоводни системи и градат нови капацитети за складирање.