Според последниот попис на Светскиот совет за злато, најголемите резерви на злато се наоѓаат во САД, кои со 8.133,5 тона убедливо се наоѓаат на прво место во светот, пред Германија (3.373,6 тона), Италија (2.451,8 тона), Франција (2.436 тона) и Русија (1857,7 тона). ММФ располага со резерви на злато од 2.814 тона. Во регионот најголеми резерви на злато има Србија, односно 19,4 тона. Златото како дел од девизните резерви на Народната банка на Србија (НБС) учествува со седум отсто во вкупната структура на девизните резерви.

Резервите на злато на Македонија изнесуваат 6,9 тона, на Словенија 3,2 тона, а на Босна и Херцеговина три тона. Хрватска, заедно со Норвешка, е единствената земја во Европа што нема свои резерви на злато и тоа уште од 2001 година, кога хрватската народна банка ги продаде своите резерви на злато од вкупно 13,127 тона. Црна Гора има златни резерви од 1.090 килограми и воопшто не се наоѓа на списокот на првите 100 држави.