Алексис Ципрас порача дека прогресивните сили што се за ЕУ треба да се обединат за претстојните избори во ЕП

Спротиставените прогресивни левичари и крајната десница ги збиваат своите редови, здружувајќи се во коалиции и сојузи во пресрет на изборите за Европскиот парламент (ЕП) во мај, со цел да стекнат политичко влијание на Стариот Континент.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека прогресивните сили што се за ЕУ треба да се обединат за претстојните избори во ЕП, пренесува порталот „Еурактив“.

– Широката прогресивна коалиција ќе има јасна позиција против неолиберализмот и политиките кои ги поттикнуваат крајните десничари и антиевропскиот популизам. Таа, исто така, ќе има јасна позиција во корист на Европа на демократијата, на социјалната кохезија и на правата – истакна Ципрас.

Тој ги пофали владите на Португалија и на Шпанија кои успешно создадоа коалиции помеѓу левичарските и социјалистичките партии. 

– Гледајќи ја Европа во целина, имам чувство дека југот, не сите држави, туку Шпанија, Португалија и Грција, се важни оази во политичката пустина. Европа, за жал, оди во погрешна насока, по опасна патека – смета грчкиот премиер, кој упати апел до прогресивните сили за надминување на разликите со цел да стекнат мнозинство во ЕП.

Од друга страна, ниту десничарските партии не седат со скрстени раце во пресрет на изборите, со што крајните десничари во Франција и во Германија создаваат сопствен сојуз. Францускиот Национален фронт и Алтернативата за Германија досега припаѓаа на различни групи во Европскиот парламент и не се согласуваа за клучните политички прашања, вклучувајќи ја и економијата. Но, нивните претставници Николас Беј и Јерг Мојтен се исклучително блиски, а австриската Слободарска партија на Австрија ги охрабрува да разговараат за можната алијанса во пресрет на изборите во мај, објавува европското издание на „Политико“.

Француско-германската десничарска коалиција би претставувала клучен елемент во обидите за ставање на крај на долгорочните поделби меѓу евроскептиците, односно за создавање на единечен десничарски популистички блок во следниот состав на Европскиот парламент, кои од сенка ги предводи италијанската Северна Лига на Матео Салвини.

Но, претстои долг пат за формирање на таквата алијанса поради честите несогласувања помеѓу евроскептиците, според познавачите на состојбата. Во сегашниот состав на ЕП, 151 од вкупно 751 пратеник, припаѓаат на групи што отворено се спротиставени на ЕУ. Најмалку 12 пратеници со слични ставови не припаѓаат на ниедна група во ЕП.

– Ова е вообичаена појава пред изборите, кога постојат повеќе работи што треба да се земат в обзир и дискусии за можното формирање на парламентарни групи, со цел да се обезбеди политичко влијание по изборите – вели Мојтен.

Ципрас, исто така, предупреди за создавање на „нова десница“ претставувана од Унгарецот Виктор Орбан, Австриецот Себастијан Курц и Италијанецот Матео Салвини.

– Постои голем ризик дека силите на антиевропскиот десничарски популизам ќе има значителни придобивки во наредните неколку години, како и дека ќе стекнат водство на следните европски избори – предупреди Ципрас. М.Ж.


„Движењето“ подготвува десничарска револуција

Стив Банон планира да покрене сложена акција преку која ќе ги поддржи десничарските популистички партии на наредните избори за Европскиот парламент (ЕП), со цел да го претвори гласањето, во мај, во своевиден континентален референдум за иднината на Европската унија (ЕУ), објави неодамна британски „Гардијан“. За таа цел Банон ги актуелизираше плановите за „десничарска револуција“ во Европа и основање на фондација наречена „Движењето“.

Идеологот на алтернативната десница во САД, наводно, обезбедил поддршка во Италија, додека уште агитира заедно со неговите соработници низ Шведска, Финска, Данска, Полска, Австрија и Германија, барајќи можни сојузници. Поранешниот директор на екстремно конзервативниот интернет-портал „Бреитбарт“ има амбиција да создаде широка коалиција на популисти во следниот состав на ЕП. Банон е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, Британецот Најџел Фараж и со други „алтернативни десничари“ во Европа.