Според пишувањата на голем број стручни медицински магазини, научниците во
светот се блиску до револуционерно медицинско откритие, кое покрај класичната
вакцина против коронавирусот во вид на инјекција ќе биде и во форма на спреј за нос

Иновативен медицински напредок во борбата против опасниот вирус

Битката на човештвото со пандемијата докажа дека современата медицина има можности и капацитети за краток период да создаде решенија за превенција од вирусот. По развојот на вакцините за имунизацијата на населението, светските медиуми информираат дека во моментов се развиваат и нови и подобри револуционерни вакцини, кои наместо со инјектирање во рака, ќе се внесуваат во организмот преку носот, во форма на спреј. Имено, во информациите објавени во балканскиот сервис на „Ал џезира“ се наведува дека неколку научни тимови низ целиот свет веќе работат на развој на вакцина против коронавирусот што би се давала орално, во форма на спреј. Како што пренесува медиумот, во Велика Британија, Израел, Кина, Турција, но и во други земји, процесот на тестирање на спрејот против ковид-19 е во финална фаза и овие држави очекуваат првите дози од новиот тип вакцина да излезат наскоро.
На истава тема шпански „Ел паис“ пишува дека научниците веруваат дека би имало многу повеќе смисла респираторните вируси да градат имунитет на првото место на контакт со телото, до кој доаѓа во слузницата на носот, устата и респираторниот тракт. Според шпанскиот медиум, на овој начин се користат неколку вакцини против грип и се верува дека оралната полио-вакцина, одобрена во 1961 година, помогнала во спречување на болеста, особено кај децата. Вирологот Рик де Сварт од медицинскиот центар „Еразмус“ во Ротердам, во изјава за холандските медиуми, истакна дека вакцините за коронавирус што моментално се користат штитат од тешки форми на ковид-19, но оти не секогаш го спречуваат пренесувањето на вирусот.
– Вакцините што би се давале преку носот може да обезбедат подобра заштита, иако останува да се види дали тие ќе се појават на пазарот наскоро – вели Сварт.

Според вирологот, во овој момент целта е да се развие вакцината против овој вирус во вид на спреј, но најпрво мора да се докаже дека таа е безбедна и ефикасна за луѓето. Овој лек би дејствувал исто и на многу други респираторни вируси, така што, според Сварт, спрејот би можел да се користи како брз одговор и во друга пандемија. Инаку, медицинскиот тим на вирологот Сварт веќе подготвил вакцина што се дава преку нос и го блокира влезот на вирусот во клетките. Засега спрејот бил тестиран на животни што може да се заразат со коронавирусот исто како луѓето.
Во меѓувреме, микробиологот од Универзитетот во Колумбија, Ана Москона, објаснува дека способноста на научниците да развиваат вакцини се заснова на децениско истражување за тоа како сродните вируси се врзуваат и продираат во клетките. Во исто време, неколку компании развиваат назални вакцини за ковид-19, а најмалку четири се во прва фаза на тестирање врз луѓе. Како што јавуваат медиумите, во октомври минатата година, американски научници докажале на глувци дека една доза назална вакцина е во состојба да го намали ковид-19 исто како и две дози од конвенционалната вакцина, при што, според нив, со тоа исто така може да се избегне инфекција за речиси 100 проценти.
– До крајот на пандемијата треба да можеме да го запреме пренесувањето на вирусот, а овој вид вакцина може да го постигне тоа – рече имунологот Мајкл Дајмонд од Универзитетот во Вашингтон, Сент Луис, кој го предводи клиничкиот развој на вакцина.

Тој додаде дека оваа вакцина може да биде ефикасна особено во превенција кај деца или како „засилувач на дозата“. Инаку, последна од земјите што излегоа со позитивни вести за производството на ваков вид вакцина против ковид-19 беше Турција. Имено, турскиот министер за индустрија и технологија Мустафа Варанк неодамна информира дека турската интраназална вакцина (спреј-вакцина) што е развиена против новиот тип коронавирус е во завршна фаза и, според процените, ќе може да започне да се применува во текот на оваа година.
– За нашиот кандидат за вакцина чии претклинички испитувања се завршени успешно, по мошне кратко време ќе се започне со првата фаза испитувања врз луѓе. Се очекува одобрение од Институцијата за лекови и медицински уреди на Турција при Министерството за здравство. По завршувањето на сите клинички фази, по брза постапка, имаме цел овој нов вид вакцина да почнеме да ја ставиме во примена во текот на годината – рече Варанк, а пренесе ТРТ.