Австриската полиција соопшти дека спречила терористички напад во Виена што наводно требало да биде изведен околу католичкиот Божиќ. Во голема полициска операција пред неколку дена биле уапсени двајца Чеченци, кои, според извори од виенската полиција, планирале да изведат терористички напади во австриската престолнина за време на божиќните празници. Австриските медиуми пренесуваат дека за целиот случај истражните органи и правосудството молчат и велат дека од криминалистички причини не можат да изнесуваат детали во јавноста.

Адвокатот на уапсените Чеченци Волфганг Блашиц изјавил дека неговите клиенти се обвинети за планирање бомбашки напад или друга терористичка акција. Според Блашиц, двајцата Чеченци ги отфрлиле обвиненијата, а тој не добил увид во документацијата, затоа што станувало збор за случај со ознака за тајност.