Француските специјални служби спречиле шест терористички напади од почетокот на годината, изјави министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, на денот кога Франција се сеќава на убиените пред три години во Париз.

Кастанер рече дека во последниот случај е осуетен заговор на крајнодесничарски екстремисти уапсени минатата недела под сомнеж дека подготвуваат напад врз претседателот Емануел Макрон.

Министерот потенцира дека по три години од масакрот, кој исламистички екстремисти го извршија во концертната сала Батаклан и неколку други места во францускиот главен град, терористичката закана е сѐ уште на високо ниво. Тој, исто така, истакна дека таа добила нови форми, бидејќи Исламската држава е ослабена, а мерките за борба против тероризмот се зајакнати. Кастанер рече дека речиси секоја недела безбедносните сили „интервенираат за да ги неутрализираат ризиците”.

– Следната година, 48 лица осудени за акти поврзани со тероризам ќе бидат ослободени откако ќе ја издржат казната. Тие остануваат под надзор, бидејќи продолжуваат да претставуваат опасност поради извршените дејствија и затворот, што исто така може да биде криминоген фактор и понекогаш може да ја продлабочи радикализацијата – рече Кастанер.

Тој додаде дека за таа цел, применуваат посебни мерки.

– Некои од затворениците веќе се предмет на овие мерки – истакна министерот.

На 13 ноември 2015 година, џихадистите извршија неколку напади во францускиот главен град, убивајќи 130 лица. По повод годишнината од трагедијата во Париз денеска ќе се одржи поворка, која ќе помине низ местата на шесте напади.