Италијанската полиција разби крајно-десничарска група во Рим која планирала да нападне база на НАТО, пренесува „Политико“.

За време на вчерашните координирани рации биле претресени домовите на 12 членови на неонацистичката група „Римски аријански ред“, а карабиниерите заплениле слики од Адолф Хитлер, свастики, како и книга со еврејски презимиња. Рацијата е дел од поширока истрага започната во 2019 година, која е посветена на лоцирање на екстремно десничарските движења во Италија.

Членовите на групата на социјалните медиуми споделувале и разменувале расистички, дискриминирачки и антисемитски содржини поттикнати од нацизмот. Тие се поттикнувале едни со други да извршат насилни активности против еврејскиот народ и имигрантите во Италија, а споделувале и упатства за производство на рачни експлозиви како дел од план за напад врз база на НАТО.

Политичарите и граѓанските групи го поздравија разбивањето на екстремистичката група.

– Оваа истрага демонстрира дека антисемитизмот преку Интернет е честопати организиран на методичен начин и е предвесник за посериозно насилство. Треба да размислиме за многу попрецизна стратегија со која ќе оневозможиме нацистите и негирачите на холокаустот да создадат поволна клима за остварување на физички напади – изјави Рут Дурегело, претседателка на еврејската заедница во Рим.

Матео Перего, пратеник на централно-десничарската партија Форца Италија, повика да се реализира парламентарната истрага за тероризам и екстремизам за која  пратениците веќе дискутирале.

– Ние сакаме да го задржиме политичкото внимание на екстремната десница, која заедно со џихадизмот претставува сериозна закана за Италија – изјави Перего.