Емануел Макрон за време на посетата во Амиен

Емануел Макрон го искористи патувањето во неговиот роден град Амиен за да се соочи со противниците меѓу кои се невработените и студентите, во обидот да покаже подготвеност за справување со домашните предизвици, во тензична политичка ситуација во текот на неговиот претседателски мандат, пишува „Фајненшл тајмс“.

Враќајќи се на местото на поранешната фабрика за бела техника на „Вирпул“, францускиот претседател се судри со непријателска публика сочинета од поранешните работници и нивните семејства.

– Ако мислев дека се е лошо, воопшто немаше да доаѓам. Отсекогаш го исполнував својот збор кон вас – инсистираше Макрон.

Посетата наликува на доаѓањето на Макрон во истата фабрика во 2017 година за време на претседателската кампања, кога ги бранеше неговите про-бизнис политики.

На половина од петгодишниот мандат, Макрон се соочува со повторно јавување на противниците на неговите економски реформи, додека државата се подготвува за нов бран на работнички протести. И покрај тоа што протестите на „жолтите елеци“, предивикани од даноците на гориво, стивнаа, левичарските синдикати најавија протести на неодредено време, почнувајќи на 5 декември, поради владиниот план за реформи на пензискиот систем.

Здравствените работници исто така стапија во штрајк поради незадоволството предизвикано од недостигот на персонал и од недоволното финансирање. Студентите велат дека тие исто така имаат недостиг на финансиски средства.

Ризикот од таквите проблеми во текот на зимата на незадоволство во индустријата и на подривање на можностите на неговата владејачка партија „Републиката напред“ на локалните избори во март, го поттикнаа Макрон да ја пренесе неговата порака на улиците, во фабриките и во универзитетите.

Во петокот тој се појави меѓу работниците во Амиен, во безмалку напуштената поранешна фабрика за машини за перење алишта, за да ги слуша нивните поплаки, при што учествуваше во жестока расправа што траела два часа.

Поранешниот банкар Макрон, кој е обвинуван од левицата оти е „претседател на богатите“, го призна неуспехот на обидот за спас на фабриката, што тој помогна да се осмисли минатата година. Тој вети владина помош за намалување на невработеноста и за справување на загубите на работните места во произворството, во однос на Источна Европа и на Азија.

Во текот на јавен настап во четвртокот, Макрон ги осуди екстремната десница, подемот на екстремистичкото насилство и брутализацијата на општеството велејќи им на граѓаните дека тие се среќни што живеат во слободно општество. Франција е „премногу негативна кон самата себеси“ им кажа претседателот и на студентите, додавајќи „имаме проблеми, но се справуваме со нив“.

Левичарскиот политичар Франсоа Руфан, кој одел во исто училиште со Макрон, изјави дека претседателот и државата треба да имаат доблест да признаат дека „ја оплескале работата.