Привремениот договор ќе затвори само дел од случаите против холивудскиот могул

Автор: Џеф Грин

Блумберг

Привремената спогодба вредна 47 милиони долари меѓу Харви Вајнстин и десетиците жени што го обвинија, има многу „недостатоци“, но барем е важен показател, како што сметаат адвокатите. Девија Темин, основачката на консултантската фирма „Темин енд компани“ која работела на над 1.400 случаи со обвиненија за сексуално вознемирување и слично однесување откако се обелодени скандалот со Вајнстин, вели дека „ваквиот договор не може во целост да се сфати сериозно, па дури и не испраќа порака дека ќе бидат доволни 100 милиони или 200 милиони долари за да се надомести штетата. Овој договор треба да значи многу повеќе од една обична висока бројка“.

Имајќи ги предвид сериозноста на обвиненијата и нивното влијание, Темин и останатите очекуваа да се договори повисока сума. Ребека Голдман, оперативна директорка на фондацијата „Времето истече“, изјави дека „спогодбата повеќе личи на математичка равенка. Станува збор за проблематичен, нефункционален систем во кој привилегии имаат моќните насилници за сметка на жртвите. Иако во спогодбата има пропусти, таа сепак е резултат на напорната работа на неколку од жртвите на Харви Вајнстин“.

Но за жртвите „избегнувањето на долгиот судски процес може да донесе мало олеснување“, како што вели Џули Роџински, една од жените кои го обвинија извршниот директор на „Фокс њуз“ Роџер Ејлс за сексуално вознемирување. Во 2017 година, таа потпиша спогодба за обвинението.

Колкава и да е сумата, таа е потсетник дека се направи суштинска промена во очекувањата на вработените на работното место, како што вели Мишел Филипс, адвокатка во фирмата „Џексон Луис“ од Њујорк, која ги советува компаниите како најдобро да го спроведат законот за вработување. Таа вели дека сега работодавачите повеќе внимаваат, а во сојузните држави Њујорк, Калифорнија и Њу Џерси се воведоа построги закони.

Фактот што Вајнстин не презеде одговорност или плати од сопствениот џеб не е нешто ново во спогодбата за случајот со сексуалното вознемирување, како што вели Филипс. Таа не треба да се толкува како знак дека обвиненијата не биле сериозно сфатени.

– Во иднина ќе се задржи тенденцијата да се бара одговорност од луѓето кои не се однесувале соодветно. Мислам дека таа нема да опадне за кратко време. Нашата задача како адвокати е да соработуваме со вработените и да им појасниме дека ваквите обвиненија треба многу сериозно да се сфатат – порача Филипс.

Холивудскиот могул, кој исто така се соочува и со кривична пријава, ги негираше обвиненијата за сексуално злоупотребување. Поплаките против него го креираа движењето „#ЈасИсто“ во кое стотици лица решија јавно да проговорат за наводното сексуално вознемирување од страна на истакнати личности.

Според извештајот на „Блумберг њуз“, отштетата ќе ја исплатат осигурителните компании на Вајнстин. Сè чека спогодбата да биде одобрена од судот и од засегнатите страни. Се очекува околу една третина од парите да заврши кај адвокатите.

Деталите од вакви спогодби обично се чуваат во тајност. Во 2017 година, „Њујорк тајмс“ пренесе дека презентерот Бил О’Рајли и „Фокс њуз“ се спогодиле со шесте обвинувачи за околу 45 милиони долари.

Превод: Билјана Здравковска